Премиерот Димитар Ковачевски во рамки на Првиот меѓународен саем за вино, храна и туризам „Винска Визија на Отворен Балкан“, кој беше отворен денеска во Белград, имаше средба со премиерот на Црна Гора Дритан Абазовиќ.

Ковачевски, на средбата со Абазовиќ на еден од македонските штандови, рече дека ние сме регион којшто е познат во светот по производство и по извоз на вино и дека Македонија е втора во регионот по извоз и 29 во светот по извоз на квалитетно вино.

Црногорскиот премиер Абазаовиќ, изрази честитики, на како што рече, нашите пријатели од Македонија на преубавиот саем.

Навистина сте познати по виното и навистина е спектакуларно виното по мој вкус, иако не сум голем експерт. Застапено е на нашиот пазар во Црна Гора, посебно „Тиквеш“, нашиот пријател г. Јаневски, така што се надевам дека ги поставивте стандардите кои другите ќе ги пратат, изјави Абазовиќ.

Во регионот, рече Абазовиќ, има многу добри винарии, многу добри вина, но во секој случај ова е добра прилика да уживаме во добри работи.

Испраќаме поинаква порака, порака да работиме заедно, да се натпреваруваме во квалитет и воопшто не е спорно дали некој ќе биде подобар, па другар во друг период, но што се однесува на Македонија вашите вина се феноменални и ви честитам, порача црногорскиот премиер.

Ковачевски, претходно на отворањето на саемот заедно со премиерот на Албанија Еди Рама и претседателот на Србија Александар Вучиќ, порача дека тука се вкрстуваат винските патишта на Балканот, со тоа што на едно место се пресретнуваат производителите, откупувачите и дестилариите од регионот.

Отворен Балкан денеска покажува што значи интеграција, олеснет пристап, практична примена на политика на отворени врати и на добрососедство. Денеска тука ги поврзуваме нашите економии, отвораме нови пазари и пласмани, обезбедуваме простор за размена на нови идеи, технологии и пристапи за работа, изјави премиерот Ковачевски.

Првиот меѓународен саем за вино, храна и туризам „Винска Визија на Отворен Балкан“, се одржува во рамките на Самитот Отворен Балкан во следните четири дена во Белград, под покровителство на Република Србија, Република Македонија и Република Албанија.

На Саемот учествуваат повеќе од 330 изложувачи од 22 земји, а Македонија ќе ја претстави својата традиција, обичаи, карактеристичната кујна, музика и фолклор, како и обележјата и вредностите на сите други заедници кои живеат во земјата.

Под слоганот „Вкуси го животот”, нашата земја ќе се претстави пред сѐ со 42 винарии и три дестилерии кои пред посетителите ќе презентираат повеќе од 300 различни типови македонски вина и ракии.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.