Влада од типот на пржинската не ѝ е потребна на држава која веќе е членка на НАТО и која има отворено преговори со Европската Унија, изјави вечерва за ТВ Сител премиерот Димитар Ковачевски.
„Таа влада беше договорена низ едни тешки преговори кога нашата држава беше заробена држава, кога беше обзнането дека државните институции се злоупотребуваат политички и како резултат на преговори се дојде до една техничка влада од 100 дена која ги спроведува изборите. Земја која е членка на НАТО, која отвори преговори со ЕУ, која претседава со ОБСЕ, која во моментов е фактор на стабилност на Балканот, сметам дека не треба да има таква влада, рече Ковачевски.
На актуелното прашање кое деновиве го отворија високи претставници на ДУИ за Албанец-премиер, Ковачевски рече дека за него етничката припадност не е професија.
„Секој кој исполнува професионални критериуми кои се стекнуваат со знаење, со искуство, со посветеност, со работа може да биде претседател на влада, особено во технички мандат. Сме имале и премиер кој беше Влав и успешно се справуваше со предизвиците. Затоа сметам дека тоа е нешто што е асполвирано во јавноста уште пред три години“, изјави Ковачевски.
За него прашањето за предвремени избори е затворено и во 2024 година прво ќе се одржат претседателските, а потоа и редовните парламентарни избори.
Ковачевски вели дека лидерска средба нема да има, а убеден е дека на редовните парламентарни избори ќе победи сегашната коалиција.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.