Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, вечерва по повод 31-от роденден на владејачката партија, на прес-конференцијата истакна дека со години немало мирно море за СДСМ. Но, како што рече, и покрај се’, успеале.

„Бевме разум кога други потпалуваа тензии, водевме напред кога други влечеа назад, обединувавме кога други делеа.  Така беше, така е и сега. Како што нашите предци во НОБ биле на вистинската страна, СДСМ била и се уште е на вистинската страна.

Од процесот на создавањето независна македонска држава, меѓународно признаена, градењето институции, преку кандидатски статус за членство во ЕУ до решавање на спорот и реализирање на стратешката цел, полноправно членство во НАТО, од борбата со ковид пандемијата, па се до последната економска и енергетска криза. Ние, СДСМ, и се она што означуваат овие 4 букви бевме секогаш предводници во решавањето на овие проблеми. И еве не повторно, 31иот роденден го одбележуваме во многу сложени општествено економско политички околности предизвикани од глобални процеси“, истакна Ковачевски во својот говор.

Ковачевски вели дека за само 90 денови, во време на најголема економска и светска криза успеале да направа многу промени.

„За овие 90 дена успеавме да ја стабилизираме цената на струјата, со помош на субвенционирање на сметките на граѓаните и да имаме најниска цена на енергијата во регионот. Ја покачивме минималната плата, двојно повеќе од времето на ВМРО-ДПМНЕ, на 18.000 денари. Ги покачивме рекордно пензиите и воведовме дополнителна помош за секој пензионер, донесовме 26 мерки вредни 400 милиони евра за поддршка на стандардот на граѓаните и компаниите.

Спречивме силен ценовен шок, цените ги одржуваме стабилни. Финансиски ги поддржавме најранливите категории на граѓани, 35 илјади наши најранливи категории на сограѓани примаат дополнителна месечна помош. Нема застој во снабдувањата со храна, со гориво, гас, греење кога гледаме што се се случува околу нас.

И разговараме за нови покачувања на платите, во образованието но и во други сектори“, изјави Ковачевски во своето вечерашно обрачање по повод 31-от роденден на партијата СДСМ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.