Дали Република Македонија е на крстопат околу набавката на енергенси за што побезболно надминување на предизвиците, кои ни претстојат, во пресрет на најтешката зима воопшто со која се соочува? И кој пат ќе го фати? Дали оној, што води до апсурдна ситуација, или ќе се помири со обичната фраза-ситуацијата е таква, каква што е?, анализира „Пресинг ТВ“.

Сите овие дилеми поизлегуваат по одржувањето на самитот на иницијативата Отворен Балкан и денешната посета на македонската делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски на официјална Софија, во чиј центар на внимание повторно е справувањето со последиците од светската енергетска криза.

Преведено на обичен јазик, ситацијата се сведува на заклучоците на министерот за надворешни работи, Бујар Османи, изнесени при неговото гостување на 7 март годинава во емисијата „Click Plus“ на ТВ21. Османи тогаш беше дециден дека купувањето на руска нафта и гас ја финансира уската војска.

-На сите ни е јасно дека купувањето на руска нафта и гас ја финансира војната, односно руската армија. Главните средства на Русија доаѓаат од изворите на природен гас и нафта. Како што гледате, Европа е зависна од тој гас и од нафтата и доставата не е прекината целосно токму поради таа зависност, изјави меѓу другото тогаш тој.

Притоа и додаде дека „Европа постојано, посебно сега бара алтернативни извори на енергија, но сега за сега ситуацијата е ваква каква што е“.

Ситуацијата од март до сега не е којзнае колку изменета и во поглед на политичкиот и во поглед на економскиот дел. И Ковачевски, и Александар Вучиќ и Еди Рама во Белград беа децидни дека меѓусебната соработка е неопходна од аспект на меѓусебно обезбедување доволно храна и енергенси за преживување на претстојната зима. Рама дури ја предупреди ЕУ да не дозволи повторување на состојбата со набавката на вакцини за пандемијата од Ковид-19.

 

Апсурдоста на ситуацијата  ја наметнува дилемата дали премиерот Ковачевски сега преку српскиот претседател Вучиќ фактички ќе го моли унгарскиот премиер Виктор Орбан за набавка на извесни колични руски гас, што обајцата го набавија на време и спротивно на заложбите на ЕУ и САД си ги наполнија складиштата?

Сликата не е многу поразлична ни во соседна Бугарија. Зашто, по падот на Владата на Кирил Петков, кој сакаше целосно да расчисти со набавките на руски гас и да го замени со американски течен, новата техничка Влада на премиерот Галаб Донев, под притисок пред се на претседателот Румен Радев во преден план го стави обновувањето на договорот со Гаспром! А, истовремено вложува максимални напори за завршување на гасоводот од Александрополис до Бугарија за американски и азербејџански гас, што за жал ја заобиколи Македонија.

Индикативно е што во информациите за посетата на премиерот Ковачевски на Софија не се споменува стриктно набавка на гас, туку на електрична енергија. Но, и без тоа, таа електрична енергија треба да се произведе од нешто, било да е од јаглен, течен или обичен гас или од нуклеарката Белане.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.