Со блокирање не се прави штета ниту на Владата, ниту на Собранието, се прави единствено штета на компаниите, на граѓаните и на државата. Ги повикувам сите пратеници да бидат на ниво на својата задача бидејќи, како што рече, тие не се избрани од претседател на политичка партија која добива наредби од Будимпешта, како да се однесува и што да прави. Пратениците треба да бидат одговорни бидејќи тие се избрани од народот и треба да работат за потребите и за унапредувањето на животот на граѓаните, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски по посетата на германската компанија од автомобилската индустрија „Маркарт“ во велешкото село Долно Каласлари.

Ковачевски нагласи дека е отворен и Владата е отворена за соработка. За Парламентот вели дека се одвива најнормална парламентарна дебата во која што учествуваат сите политички партии, а тој има дневни контакти со претставници на политички партии.

-Што се однесува до соработката во Парламентот и во однос на најавите на опозицијата, јас кажав вчера и пред тоа дека се работи за еден исклучително неодговорен однос, значи неодговорен инфантилен однос од страна на претседателот на опозицијата којшто класично врши мобинг на неговите пратеници да блокираат во Собрание, нешто што не треба да се блокира. Собранието треба да  претставува место каде што се носат закони, каде што се унапредуваат закони бидејќи тие закони не се носат ниту за Владата, ниту за политичките партии. Тие закони се носат за граѓаните и за компаниите коишто ја унапредуваат оваа држава, изјави Ковачевски.

Тој посочи дека во Собранието веќе има неколку закони кои се подготвени со измени на барање на инвеститори, а законските измени ќе овозможат забрзување на производствениот процес и на логистичките процеси, ќе ја зголеми продажба, а тоа ќе значи зголемување на бројот на работни места и зголемување и на платите на постојните вработени.

-СДСМ е партија која што докажала дека секогаш низ дијалог ги носи своите политики, бидејќи сме докажале дека Собранието секогаш сме го користеле како место за дебата за разлика од ВМРО-ДПМНЕ коишто денес блокираат, а во минатото истото тоа Собрание во неколку наврати го имаат користено и како место за насилство, нагласи Ковачевски. 

На новинарско прашање за свикување лидерска средба со сите партии, Ковачевски рече дека можат да разговараат со сите партии. Додаде дека и денеска има состаноци со претседатели на партии за унапредување на законски решенија, за справување со енергетската криза, за справување со економската криза.

-Уцена со одбројувања, пет дена, четири дена, единствена точка на дневен ред, предвремени избори – таква средба не може да има. Затоа што не може да биде единствена точка – предвремени избори. ВМРО-ДПМНЕ пред скоро една година доби мандат во најголемиот дел од општините во државата. Гледате што се случува во општините. Еден проект нема, потенцира премиерот Ковачевски. 

Тој вели дека неговиот став за одржување лидерска средба не е спротивен на изнесеното од  коалицискиот партнер ДУИ и повтори дека треба има средба за теми кои, како што рече, се од интерес за граѓаните, а не единствена точка на дневен ред да биде предвремени избори, бидејќи избори ќе има во 2024 година.  

Според него, на почетокот во општините имало некакви презентации на проекти, кои се оставени од претходните градоначалници. Смета дека во Град Скопје се менуваат директорите на секои два месеци и ништо друго не се случува.

-Затоа нека си ја земат одговорноста во свои раце, нека покажат дека можат да работат во општините за тоа за што ветуваа, а ниту едно ветување уште не е остварено. Парламентот да функционира, Владата има зголемена парламентарна поддршка во Собранието визави претходната влада бидејќи сега имаме 64 пратеници поддршка, дополнително уште една партија која што се придружи на коалицијата и не постојат никакви ограничувања за носење на потребните одлуки за граѓаните, порача премиерот Ковачевски



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.