ЕУ мора сериозно да ги сфати и разгледа опструкциите од опозицијата во Македонија и обидите на ВМРО-ДПМНЕ и Левица по секоја цена да го загрозат европскиот пат на земјата. Блокадите на Собранието и на демократските процеси за напредок кон ЕУ се блокада на европските вредности, изјави премиерот Димитар Ковачевски на Лидерскиот самит на Западен Балкан на Европските социјалисти и демократи во Виена.

Тој порача дека и Европската народна партија не смее да биде само нем набљудувач на овие сценарија, бидејќи ваквите опструкции и блокади не се само за Владата туку за европските вредности.

Премиерот исто така побара од ЕУ да не дозволува нови блокади и уцени од никого и Македонија да биде оценувата според напредокот и придонесот што го дава, да се зборува за критериумите и нивното исполнување, бидејќи ако ЕУ го загуби кредибилитетот во Македонија ризикува да го загуби и целиот регион.

Да направиме заеднички напори за да не дозволиме трети страни да го искористат тоа и да ги загрозат европските вредности и европската кредибилност. ЕУ мора да биде јасна и гласна до сите страни кои се обидуваат да го нарушат или блокираат европскиот пат на земјава, рече Ковачевски.

Претседателот на СДСМ во обраќањето на Самитот на лидери од Западен Балкан во Виена, организиран од Групата на социјалисти и демократи (Socialists & Democrats) во Европскиот парламент потенцира дека прашањето денес е дали социјалдемократијата може повторно да го спаси и стабилизира светот.

 Дали можеме да обезбедиме економски просперитет и социјална стабилност и да ја заштитиме демократијата за идните генерации? Можеме ли повторно да го трансформираме општеството и да создадеме подобра иднина за нашата генерација и за нашите деца? Ова се тешки прашања што ги знам, а дебатата може да биде долга за ова, но за себе можам да кажам дека сум внимателен оптимист, како што сакам да кажам често. Тоа значи дека останувам со надеж за иднината, но работам напорно за да ги постигнам поставените цели. Чекор по чекор, полека но сигурно, работејќи кон подобро, праведно, слободно и инклузивно општество за сите, рече Ковачевски на почеток на своето обраќање.

Ковачевски додаде дека овие прашања се суштинска тема и во земјава но дека со внимателен оптимистички пристап во изминатите 10 месеци видливи се опипливи резултати во услови на глобална криза.

Во изминатите 10 месеци успеавме да ги надминеме предизвиците наметнати од светската економска и енергетска криза и практично да го спасиме и зачуваме капацитетот на македонската економија. Кога започна војната не беше јасно дали ќе има храна, струја, парно, нафта, дали ќе има доволно пари. Ова беше тешка ситуација за сите, но беше, и се уште е најпредизвикувачки за најранливите граѓани, додаде тој.

Моето ветување беше дека никој нема да биде оставен сам и никој не беше оставен сам во оваа криза, потенцираше Ковачевски.

Моето ветување и мојата мисија беше и се уште е никој да не биде оставен зад себе. И ние не оставивме никого зад себе. И јас сè уште силно верувам дека тоа е вистинскиот пат и суштината на социјалдемократијата. Тоа е најсоодветниот одговор на глобалната кризата, заснован на вредностите на солидарност и правда, додаде Ковачевски.

Претседателот на СДСМ и премиер потенцираше дека Владата којашто ја предвови се фокусираше на финансиски најзагрозените граѓани, пензионерите со мали пензии, самохраните родители, студентите и другите ранливи категории на граѓани додавајќи дека се реализирани два пакети антикризни мерки вредни 760 милиони евра, најголеми во регионот.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.