Реакција на здружението „Родителски фронт“ по повод јавната изјава на Димитар Ковачевски дадена на маршот одржан на 1 март 2024 во Кавадарци, која ви ја пренесуваме во целост:

НЕПОЧИТУВАН И НИКОГАШ ОД НАРОДОТ ИЗБРАН Г-ДИН ДИМИТАР КОВАЧЕВСКИ!

Како претседател на СДСМ го предводевте осмомартовскиот марш организиран од партијата чиј лидер сте, на сосема друг датум, но ја искористивте можноста да упатите низа апели до вашите сопартијци и симпатизери, но и до нас останатите, на кои ни дадовте јасно до знаење каква патека трасирате и какви идеи и цели поставувате пред себе, кои би ги оствариле на Осми мај, кога вие непочитуван, пак ќе сте формирале влада и одново ќе сте биле премиер. Па така, без фанфари, триумфално, самоуверено, дрско и безобразно најавувате дека прв закон кој ќе го предложите да биде донесен е спорниот закон за родова еднаквост.

Да ни простите што тука грохотно ќе се насмееме, но за вас очигледно родовата еднаквост е непознат поим.

Не само што родовата еднаквост изгледа ви е непозната категорија, туку вие очигледно не го знаете и Уставот на Република Македонија кој не познава поим род, со што вие се залагате како прв да биде предложен и донесен противуставен закон.

И не само овој закон, туку еден куп закони за кои се фалите дека сте успеале да ги донесете во времето на вашето владеење.

Да резимираме Ковачевски!

Вие очигледно не сте го гледале дебаклот на вашиот Министер Јована Тренчевска во Струмица, на дебатата на која во однос на спорниот закон (чиј предлагач е Министерството со кое раководеше Тренчевска) не знаеше да одговори скоро на ниту едно од поставените прашања од учесниците во дебатата. Вие, ништо, Ковачевски немате научено ниту од Мила Царовска како пионер на родовата идеологија во Македонија.

Па така, вашето повикување дека сега во предлагањето на овој закон ќе застанат најнапред мажи, па потоа жени, рамо до рамо, преведено со речникот на родовата еднаквост, значи, дека, до вас може да застане и жена која се идентификува како маж, а до жените би можеле да застанат и мажи кои се идентификуваат како жени. Тоа е родовата еднаквост Ковачевски. Тоа не е закон кој ќе ја зајакне улогата на жената, затоа што жената во ова општество ги има и ужива сите права подеднакво со мажите. Туку овој закон е всушност филтер за протурнување на разновидни родови идентитети опфатени со овој спорен закон, покрај жените и мажите. Овој закон кој би стапил во сила наместо постоечкиот закон за еднакви можности на жените и мажите. Ја гледате ли разликата Ковачевски?! Значи во постоечкиот закон за еднакви можности на жените и мажите се опфатени жените и мажите, а во спорниот предлог закон за родова еднаквост се опфатени покрај жените и мажите и разновидните родови идентитети.

Вие, Ковачевски, заборавате дека во улога на премиер или министер би требало да бидете слуга на народот, а не овој народ, како и за се останато, да не го прашувате за ништо. Особено вие Ковачевски овој народ не го прашувате дали сака да му ги одземете традицоналните семејни вредности на кои ова општество почива и дали овој народ сака да се донесе законот за родова еднаквост со кој некој освен тоа што може да се идентификува како спротивниот пол, може да се идентификува на пример и како пеперутка и притоа доколку некој од нас не му го признае таквото идентификување ќе биде предмет на судски постапки, ќе биде предмет на опсервација и прогон од страна на Секретаријатот- тоа опасно тело кое се заканува да надвиснува над слободата на мислата и говорот кои како основни човекови права ни се загарантирани со меѓународни конвенции ратификувани во Македонија, но и со највисокиот правен акт- Уставот.

Со вашето преамбициозно залагање како закон над законите, како супразакон во оваа „розевина од општество“ во кое сите други егзистенцијални состојби и односи се регулирани со закон, да биде донесен законот за родова еднаквост, вие господине Ковачевски всушност сами си ја испишувате судбината на осми мај.

Се прашуваме од каде го црпите легитимитетот да одлучувате за вакви суштествени, сензитивни и значајни прашања за народот, кога вие никогаш досега не сте биле избран од народот!? Од каде ви е таа дрска и арогантна самоувереност особено после авантурата со предлог законот за родова еднаквост, а и сега, која како заразна болест ја пренесувате и врз вашите родови активисти од кои некои ќе се најдат на листите и за нив народот треба да гласа!?

Верувајте ниту еден од членовите на здружението на родители Родителски фронт, ниту еден од поддржувачите на нашите цели, како и останатите наши соработници и партнери нема да ве поддржи на осми мај. Вие, Ковачевски со овие штетни закони ни трасирате погрешен пат за нас и нашите деца, а на кои им овозможувате без да имаат наполнето 18 години да извршат промена на пол со проста изјава пред нотар. За нашите деца за кои ние сме подготвени да го дадеме и својот живот, а вие ни покажувате пат по кој ние не сакаме да чекориме,а уште помалку да ве следиме.

Вашата изјава дека борбата за родовата еднаквост продолжува, ја најавува и нашата борба на фронтот на родителите и на сите здраворазумни и совесни граѓани кои отворено застануваат во борба против вашето залагање законот за родова еднаквост да го дочека светлото некојси мајски ден.

Можеме слободно да ви кажеме дека сме ви бескрајно благодарни за вашата искреност на осмомартовскиот марш и дека на тој начин и оној кој се двоумел да го даде својот бесценет демократски глас на изборите за вас, сега нема да го даде. И дека на овој начин се докажа дека не сме донкихотовски настроени во борбата против ветерниците, туку имаме конкретен непријател, наш и на нашите деца.

Непочитуван Ковачевски, се надеваме, дека сте свесни за тежината на јавно изнесените ставови за поддржување на законот за родова еднаквост, со кои не повредувате сите нас кои се бориме да ги сочуваме традиционалните семејни вредности и она малку останато здраво ткиво на овој полураспаднат општествен систем.

Уште еднаш да ви напомнеме, историски гледано за правата на жените, некогаш некои храбри ликови се бореле, но за правата на биолошките жени, а не и за правата на мажите кои се идентификуваат како жени. Ќе беше учтиво во име на грамадноста на таа борба, на вашиот партиски осмомартовски марш родовата еднаквост да ја избегневте, а и заради почит кон жените во Македонија. Но, ви ја одземаме можноста да ВО ИМЕ НА НАРОДОТ зборувате дека законот за родова еднаквост е за јакнење на улогата на жените. Оти не е така!

Се гледаме на Осми мај!

Се гледаме на фронтот!

Без почит, Родителски фронт



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.