Користењето на кабиетото на првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, за средби на лидерот на ДУИ Али Ахмети со Ричард Гренел, за премиерот Димитар Ковачевски не е злоупотреба бидејќи бил присутен и домаќинот.

Според него, на средбата на која бил присутен и вицепремиерот Груби, и тој одлучувал кој ќе повика на состанокот.

Гледајте прво на таа средба присуствува и вицепремиерот. И на него е кој ќе повика на состанок во кабиентот. Кога имам јас состаноци тогаш доаѓаат гости коишто одржуваат состаноци, меѓутоа јас сум присутен во кабинетот, исто како што тој е присутен во својот кабинет. Сметам дека не е злоупотреба доколку луѓе користат канцеларија со домаќинот за состаноци, изјави Ковачевски одговарајќи на новинарски прашања по отворањето на Првата конференција за патна инфратструктура.

Пред неколку дена вицепремиерката задолжена за политики и добро владеење, Славица Грковска рече дека е недозволиво престапување на кодексот, и дека како член на Влада, во овој случај нема механизам за постапување. Според неа, партиските и државните активности мора да бидат разделени.

Во петокот, Ахмети на својот Фејсбук профил објави фотографии од средбата со Ричард Гренел, која се одржала во Кабинетот на Груби. Гренел е поранешен специјален пратеник на поранешниот американски претседател Доналд Трамп за дијалогот Косово-Србија, како и некогашен шеф на американската Национална разузнавачка служба.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.