Општината трпи последици од штрајкот на СОНК, односно кај превозот на учениците трпиме загуби и тоа Општината ја чини околу 200 илјади денари на ден што не е мала сума и тоа треба да го имаат предвид во СОНК, вели градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов.

Тој појаснува дека Општината обезбедува превоз за сите ученици, па ако е потребно и за две деца тој ќе им биде овозможен.

Со тоа не испраќаме порака за заплашување, ниту да се ставиме на различна страна. Општината и наставниот кадар се на иста страна. Треба да разговараат, а не да преговараат и треба да се земе предвид целата тешка ситуација во која што се наоѓаме и секако апелирам до учениците, апелирам до родителите да се вратат во училиште и наставата да продолжи. Во спротивно се наметнува потребата за продолжување на учебната година, што ќе направи дополнителни компликации кај матурантите при нивниот упис на факултет, изјави струмичкиот градоначалник.

Додаде дека негов став е оти 10 отсто покачување е сосема доволно за перидот во кој се наоѓаме и би требало да биде прифатен со цел наставата да продолжи.

Вчера СОНК најави дека генералниот штрајк ќе продолжи и понатаму, откако Советот на Синдикатот вчера на седница одлучил да не го прифати предлогот на Владата за 10 процентно зголемување на платите со кој би се прекинал штрајкот почнат на 11 април.

Една од причините зошто овој предлог не е прифатен од СОНК, е затоа што бил предложен усно, а не во писмена форма, информираа од СОНК, од каде додаваат дека над 95 проценти од синдикалните организации на СОНК се изјасниле за отфрлање на дадената усна понуда.

За СОНК зголемувањето на платите од 10 проценти во детска заштита, основно и средно образование воопшто не кореспондира со висината на зголемување на минималната плата оваа година и не е соодветна стимулација за враќање на достоинството на професијата. СОНК бара зголемување на платите за 18,4 проценти и нивно усогласување со минималната плата.

Инаку, Костадинов денеска присуствуваше на настанот насловен како „Велигденска магија“ што го организираа учениците од угостителската струка-готвачи во Средното општинско училиште “Димитар Влахов“ во Струмица, за кој, како што рече градоначалникот, бил планиран од порано.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.