Во Македонија, со власта на СДСМ и на ДУИ, се случува тотален распад на системот. Земјава, од сите земји во регионот, па и пошироко, најлошо ја помина пандемијата со ковид-19. Бевме меѓу земјите со најголем број починати на еден милион жители, последни почнавме со вакцинација, две години каскавме зад сите останати. И, како да не ги научивме лекциите, па сега продолжува власта со својата неодговорност и неспособност. Имено, во услови кога цела Европа стравува од нова епидемија, овој пат епидемија од мајмунски сипаници, нашите власти се повторно неорганизирани. Откако излезе во јавноста информација дека едно лице во Македонија е суспектно на оваа болест, следеше уште една потврда за неспособноста и неажурноста на надлежните институции, вели Дафина Стојаноска од ВМРО-ДПМНЕ.

Ова лице, не само што не било тестирано за да се утврди дали е или не е заболено, туку му било дозволено да си оди дома и слободно да се шета меѓу граѓаните. Односно, ова значи дека нема никаков здравствен третман и протокол од страна на институциите. Тоа е недозволиво, бидејќи на ваков начин се загрозуваат општото здравје и животите на граѓаните кои се изложуваат на една заразна болест. Министерот за здравство, Сали тврдеше дека институциите се подготвени, но на дело ја гледаме нивната неспособност. Дали министерот Сали и другите надлежни ќе понесат одговорност, доколку заразата се прошири, изјави Стојаноска.

Таа јавно праша дали институциите ќе бидат виновни доколку се утврди дека суспектното лице е навистина заразено и притоа му било дозволено слободно да се шета, без да се почитуваат протоколите за заштита од заразни болести?

Зошто не се превенира, ако знаеме дека потоа е многу потешко да се заштити општото здравје на граѓаните? Зошто не се донесат конкретни протоколи и според нив не се справуваат со предизвиците, додава таа.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.