Лично Симеон Сакскобурготски, син на Цар Борис Трети и поранешен премиер на Бугарија, познат во тамошната јавност како Царот, ја дал согласноста за здружението во Охрид да го носи името на неговиот татко. Писмената согласност од Симеон Сакскобурготски е дел од документите со кои Централниот регистар го впишал Здружението за афирмација на културните вредности на македонските Бугари „Цар Борис Трети“ Охрид,објави „360 степени“.

Со интерес дознав дека вие и вашите истомисленици сакате да основате културно-просветно друштво во Охрид. Ви благодариме за иницијативата ова друштво да го носи името на мојот татко цар Борис III. Вашиот предлог ме трогна и секако дека ја имате мојата согласност и мојата поддршка.Мило ми е што знам дека младите како вас имаат време и желба да се зафатат и со оваа задача, така што ќе се зачува во историската меморија.Ви посакувам успех во вашиот напор и се надевам цека ќе се видиме еден ден“ пишува во преводот на изјавата од Симеон Сакскобурготски.

Основачите на ваквите здруженија ја користат дупката во законот и ги регистирираат и без дозвола од Министерството за правда бидејќи не постои регистар на недозволени историски личности чии имиња не смеат да носат клубови, здруженија и фондации. Па така Централниот регистар си ги регистрира без никаков проблем.

Кој е царот Борис Трети

Борис Трети, чие цело име е Борис Клемент Роберт Марија Пиj Станислав Сакскобурготски, станува „Цар на Бугарите“ на 3 октомври 1918 по абдикацијата на неговиот татко Фердинанд, по поразот на Бугарија во Првата балканска војна.

По водство на Борис Трети, кој во бугарската историографија е познат како „Царот обединител“, Бугарија се приклучува кон Тројниот пакт на нацистичка Германија, фашистичка Италија и милитаристичка Јапонија. Тој во април 1941 година дозволува германските сили од територијата на Бугарија да извршат агресија врз Кралството Југославија, по што за награда добива територии од распаднатата југословенска држава и Грција, вклучително и голем дел од денешна Македонија. Умира неочекувано на 28 август 1943 година, набрзо по неговата посетата на Хитлер. Него на престолот го наследува син му Симеон Втори, кој останува на чело на бугарската држава до септември 1946 година, а од јули 2001 до август 2005 година беше премиер на Бугарија, под името Симеон Сакскобурготски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.