Заевите „камшикарки“ во Судскиот совет извршиja груба атака врз судиите од Апелациониот суд во Скопје, за да испратат порака дека Советот е камп за превоспитување на судиите кои одбиваат да извршуваат политички нарачки, пишува Бранко Героски.

Пред да продолжиме со нашата главна приказна за тоа до каде се плановите на Зоран Заев за враќање во политиката на бел коњ и за целосно рекомпонирање на политичката мапа на Македонија, како актуелност на денот се наложува и еден осврт на активностите на Струмичанецот преку неговите инсталации во дел од правосудниот систем, се вели во текстот на Героски.

Тој продолжува дека активностите на Заевите инсталации во оваа област деновиве се интензивирани. Добро упатените тоа го толкуваат како последен обид на Заев да ги подеси „нишанските справи“ пред завршната битка за остварување доминација во СДСМ.

Во оваа драма се препознава уште еден пиаровски обид на поранешниот премиер да ги убеди Американците – откако тие веќе и јавно ја дефинираа борбата против корупцијата како клучен приоритет за Македонија во периодот што претстои – дека токму Заев е најдоследниот борец против криминалот, корупцијата и особено против неказнивоста на судените и несудени криминалци, пишува Героски.

Каква е улогата на Заевите „камшикарки“?

Но, да одиме со ред. Како што е познато, приказната за „камшикарот“ датира некаде од септември 2018 година. Тогаш поранешниот премиер Зоран Заев посака „камшикар“ од ЕУ и од НАТО, кој би дошол и би ги „подсредил“ сите од него па надолу. Камшикар од ЕУ и од НАТО тогаш не стигна, Заев потоа абдицираше поразен од граѓаните на локалните избори, но затоа почнаа да излегуваат на површина „камшикари“ во сите институции и насекаде околу нас, кои сега се обидуваат да ги „потсредат“ сите кои размислуваат со своја глава и одбиваат да спроведуваат политички нарачки.

 

Веднаш по одлуката на скопска Апелација, со која предметот „Таргет-тврдина“ се врати во прв степен, со свој коментар се јави токму Зоран Заев, кој од познавање на правото нема ниту „п“, освен ако за тоа не се смета периодот кога седна на обвинителна клупа како амнестиран за криминал во „Глобал“, потоа како обвинет за земање поткуп од по едно евро за квадрат и најпосле обвинет за аферата „Пуч“, пишува Героски.

„Со двете поништени пресуди, директно се упатува на враќање, а со тоа и повторување на грозоморните дејствија на режимската врхушка и секако се мотивираат и други чинители да прават исти вакви грозоморни дејствија, со кои масовно се газат човекови права и сите вредности за кои се бореше целиот македонски народ пред само неколку години преку Шарената револуција. Што е следно, Мијалков да стане директор на АНБ, а Груевски да се врати невин на бел коњ? Па и утре да станеме членка на ЕУ, тоа нема да го испере овој срам и блам. Ги повикувам сите надлежни од и околу правосудството, сите со грам одговорност за иднината на нашата земја и нашиот народ, да не дозволат да застарат делата на Мијалков и да направат сѐ виновниците да одговараат, бидејќи за нивните злодела има докази чисти како ден“, напиша Заев на својот Фејсбук профил.

Заев не беше заинтересиран за образложението на скопска Апелација, дека пресудата за „Таргет-Тврдина“ е укината поради сторени суштествени повреди на одредби на постапката, како и повреди на кои Судот внимава по службена должност, повреди кои влијаеле и врз правилно утврдување на фактичката состојба и врз правилната примена на материјалното право. Советот на Судот тогаш образложи дека утврдил неусогласеност меѓу изречената пресуда и она што е наведено во нејзиниот писмено подготвен примерок, односно дека во изворникот на пресудата нема опис на противправните дејствија за секој од обвинетите. Апелациониот суд Скопје информираше дека фактите кои што ги зел за утврдени првостепениот суд, а по однос на дејствијата на извршување на обвинетите, не соодветствуваат со доказите изведени на главната расправа пред првостепениот суд, по однос на наодите и мислењета на вештите лица на Јавниот обвинител и на одбраната, како во делот на дејствијата по однос на следењето на комуникациите, така и по однос на вредноста на уништената опрема.

 

Иако дел од стручната јавност која е надвор од влијанието на Заев оцени дека Апелација правилно ја укинала пресудата како неодржлива по повеќе основи, веднаш по Заев се јави и претседателот Стево Пендаровски и буквално на невидено изрази шокираност и ја прогласи пресудата на Апелација за пораз на државата. Во секоја нормална држава во која постојат демократски стандарди и доследна поделба на трите власти (законодавна, извршна и судска), ваков притисок на главните лостови на извршната власт врз судската би бил невозможен, а кога сепак би се случил, би наишол на остар притисок од „четвртата власт“, од јавноста.

 

И веројатно затоа беше дадено зелено светло за активирање на „камшикарките“ во Судскиот совет поставени токму од Заев и од Пендаровски, за дисциплинирање на оние кои носат одлуки што не им се по волја. Тие добија директива да ја оправдаат довербата од тие што ги поставиле и битката да ја добијат на свој терен, а не само со фејсбук-објавите на Заев и со кампањата покрената во дел од медиумите, пишува Героски.

Повеќе на „Плусинфо“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.