Бугарија не стави вето на политиката кон Македонија, тоа го направија Франција и Холандија. Бугарија ја блокираше процедурата со тоа што не даде зелено светло за првата меѓувладина конференција, изјави европратеникот Илхан Ќучук за програмата „Брисел 1“, пренесува Днес.бг.
Тој смета дека постапката може да се деблокира доколку се дадат гаранции од ЕУ дека во преговарачката рамка ќе влезе и заштитата на правата на Бугарите во Македонија.
Европратеникот е известувач на Европскиот парламент за Mакедонија и неодамна организираше форум насловен „ЕУ се среќава со Балканот“.
„Зборуваме за давање зелено светло – свикување на првата меѓувладина конференција. Веројатно ќе бидат потребни две години помеѓу овој процес и отворањето на првото поглавје за новата методологија. Треба да се одржи дискусија со засегнатите страни за да може да се постигне консензус “, рече Ќучук.
Според него, правата на Бугарите во Македонија се главното прашање за кое мора да се најде решение.
„Ако за тоа се најде европско решение, ако самата ЕК даде гаранции за почитување на човековите права и слободи, би рекол дека може да се оди напред. ЕУ треба да гарантира дека постои механизам за следење на човековите права“, рече тој.
„Јас го претставувам Европскиот парламент и правам се што е можно за двете земји да најдат европско решение“, рече Ќучук. Тој избегна директен одговор на прашањето дали смета дека треба да се укине ветото пред Македонија да ги исполни условите на кои се обврза, објаснувајќи: „Бугарија не стави вето на политиката, Франција и Холандија ставија вето на политиката. Сепак, Бугарија ја прекина процедурата. Единствениот начин е да се вратиме на темелите на договорот и да ја вратиме довербата и да го деблокираме на процесот“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.