На 2 мај, на празникот Рамазан Бајрам, во липковското село Слупчане се отвори спомен кула во чест на борците на ОНА. За кулата висока 20 метри потрошени се 200 илјади евра општински пари. „Сериозна повреда на Уставот, доколку се има предвид дека станува збор за споменик чијшто карактер е меморијален и треба да биде регулиран во Законот за меморијални споменици и спомен обележја. Се соочуваме со два спорни моменти во овој случај“, вели проф. д-р Барџиева Трајковска.

„Тоа што подигнувањето на овој споменик не ја почитува процедурата на Законот. Собранието воопшто не го ставило во програмата за прославување на познати личности и настани, којашто е петгодишна програма. Врз основа на таа програма, којашто ја носи Собранието, морало да донесе поединечна одлука за издигање, за подигнување меморијален споменик. И тука би спаѓал токму овој споменик што е именуван како Споменик на жртвите на ОНА. Врз основа на таа одлука би бил формиран одбор што ќе ја следи процедурата од почеток до крај“, вели проф. д-р Донка Барџиева Трајковска, претседателка на Центарот за културно наследство.

Во изминативе пет години Собранието нема донесено годишна програма за чествување на значајни личности, настани и празници. Фактот дека Собранието е заобиколено во овој случај говори за обид нешто да се сокрие и наместо надлежните институции да си ја префлаат вината, веднаш да побараат Собранието да докаже дали била испочитувана целата процедура, во спротивно станува збор за сериозна повреда на Уставот, смета Барџиева Трајковска.

„Министерството за култура како една од надлежните институции, бидејќи за спроведување на овој закон има ингеренции во однос на контролата и надзорот на органите на локалната самоуправа, односно на општините, меѓутоа во однос на контрола на Собранието таква надлежност нема никој освен Уставниот суд. И во овој случај затоа што е заобиколено Собранието, и тоа не е прв пат туку во последниве 20 години и ова треба да го третираат експерти од доменот на уставното право. Истово се случуваше и во минатото, на пример пред Собрание беше поставен и сѐ уште стои споменикот на Никола Карев, а Собранието никогаш не донело одлука за негово подигање“, дополнува претседателката на Центарот за културно наследство.

Станува збор за важен настан од блиската историја и освен жртви на ОНА како и во секој воен конфликт има жртви и кај бранителите и кога се обмислува решение за подигање меморијален споменик мора да се размислува за двете страни и тоа решение мора во себе да го содржи и аспектот на помирување, вели Барџиева.

Споменикот на паднатите борци на ОНА во Слупчане чини 200.000 евра и е висок 20 метри.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.