Во услови на длабока сиромаштија, кризи и инфлација, СДСМ им воведе нови поскапи цени на услугите на Агенција за катастар на недвижности. Со новиот Тарифник на Катастарот услугите за добивање одредени податоци се поскапени за 100, 200, па и за 500 отсто, на товар на геодетските друштва, нотарите, адвокатите и граѓаните кои користат катастарски услуги, истакна на денешната прес конференција Марија Митева, портпаролка на ВМРО-ДПМНЕ.
Ако досега за добивање на податоците кои се потребни за подготовка на геодетски елаборат се плаќало 750 денари, со зголемувањето износот ќе биде 1.552 денари, односно за повеќе од 100 отсто, или
-ако правото на упис на стан досега чинеше 300 денари, сега е 1200 денари, или
-ако имотен лист чинеше 180 денари, сега е 250 денари итн.
Всушност, запишување на стан има зголемување за преку 300%, запишување на парцела има зголемување од 100%, имотен лист зголемување за 40%, а зголемување на поедини производи оди и до 500%, појасни портпаролката.
Митева посочи дека ваквите измени на тарифникот се направени без никаква консултација со најзасегнатите страни.
Ваквите измени согласно член 37 став 2 од Законот за катастар на недвижности, ги донесува Управниот одбор на Агенцијата по претходно добиена согласност од страна на Владата. Ова докажува дека додека власта со полна уста зборува за наводна грижа и помош за граѓаните и за стопанството во услови на економска криза, дава согласност за зголемување на цените на услугите кои им се неопходни на граѓаните и бизнисот. Власта на дело покажува самоволие и невиден грабеж. Со ваквиот тарифник сосема е јасно дека во голема мера се доведува во прашање рентабилноста и опстојувањето на Агенцијата за катастар на недвижности. Дали власта сака со ова да го спаси Катастар од банкрот? Дали ова ќе биде уште една институција која ја претворија во загубар? Дали Агенцијата е во состојба да обезбеди плати за вработените или преку зголемување на давачките ќе се обиде да ја сокрие реалноста, запраша таа.
Посочи дкеа овие поскапувања не се ниту први ниту единствени во време на СДСМ.
Оваа Агенција нема да биде ниту прва ниту единствена која ќе ја упропастат. СДСМ е прва и единствена политичка партија која етапно го уништува системот во државата. СДСМ мора да замине, додаде Митева.
Од СДСМ, пак, велат дека не е точно дека цените на катастарските услуги се зголемени за сите услуги најмалку пак дека се зголемени за пет пати.
Откако им пропаѓаат обидите за блокади, ВМРО-ДПМНЕ се враќаат на старите навики со фалични калкулации сакаат да ги манипулираат граѓаните. Не е точно дека цените на катастарските услуги се зголемени за сите услуги најмалку пак дека се зголемени за пет пати. ВМРО-ДПМНЕ нема да успее да ги излаже граѓаните, особено што на одредени документи цената е намалена за три пати. Како што е и јавно објавено новиот тарифен модел, поединечните цени на податоците од Геодетско катастарскиот информационен систем (ГКИС) и надоместокот за запишување во катастарот на недвижности не се енормно зголемени како што се дезинформира јавноста тук се на ниво на реално направени трошоци за нормално функционирање и одржување на електронските системи. Со тоа што се воведени и фиксни надоместоци за користење на дел од податоците од ГКИС, како и за запишување на правата на недвижностите. Овој надоместок во претходните тарифници изнесувал од 100 до 300 денари, а сега е пропишан единствен износ во висина од 250 денари кој е и единствен надоместок за одредени производи од ГКИС. Дополнително, за голем број документи цената е значително намалена со што паѓаат во вода сите лаги на ВМРО-ДПМНЕ. ВМРО-ДПМНЕ со фаличен калкулатор сака да ги манупулира граѓаните – точната математика ја знае секој геодет, вкупниот трошок за еден проект поскапува за точно 0% односно НЕ поскапува. Тарифите впрочем се јавно објавени и на официјалната страница на институцијата, велат оттаму.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.