Албанските коалиции „Европски фронт“ и „Вреди“ не се откажуваат од одржување на завршните митинзи во ист ден во Тетово.
Носителот на листа за пратеници во ИЕ6 од коалицијата „Вреди“, актуелниот градоначалник на Тетово – Билал Касами, денеска рече дека тие ќе го имаат завршниот митинг на 6 мај на плоштадот „Илирија“ во Тетово, посочувајќи дека имаат добиено одобрение од Општина Тетово.
Коалицијата `Вреди` ќе организира завршен митинг на 6 мај во Тетово. Согласно законот, коалицијата `Вреди` се обрати до Општина Тетово, како единствена институција одговорна за јавните простори, плоштадите и другите јавни простори и Општина Тетово има дадено позитивно мислење, односно одобрување за користење на плоштадот на 6 мај – рече Касами.
Според него, „Европски фронт“ предводен од ДУИ побарал дозвола од Општината откако веќе бил закажан завршниот митинг на „Вреди“ и посочи дека организаторите немаат обврска да ја информираат полицијата за организирање на вакви собири.
После тоа се обрати коалицијата на ДУИ, кои ги информиравме дека за тоа време плоштадот е веќе зафатен и даден е на друга организација, односно друга коалиција. Завршено е времето кога дозвола за организирање се земаше од полицијата, според законот и според Уставот ние сме европска држава и за организирање на вакви собири се информира само полицијата или ако се чита прецизно законот вика организаторот може да ја информира полицијата, значи никој од организаторите нема обврска да ја информира полицијата и не е полицијата таа која одлучува кој ќе организира митинзи – посочи Касами.
Тој го повика „Европскиот фронт“ да се повлече од одржување на завршниот митинг на 6 мај во Тетово, бидејќи според Касами, се работи за провокација на тетовчани од страна на Артан Груби.
Ја повикуваме коалицијата на ДУИ, го повикуваме лично Артан Груби да се повлече од оваа провокација на граѓаните, оваа провокација на тетовчани затоа што одговорот ќе го добие на 8 мај. Целата процедура е според законот и не може Артан Груби да кажува кој каде ќе организира митинзи – рече Касами.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.