Формулацијата на Преамбулата е правно збунувачка и политички конфузна. Во иста реченица се споменуваат граѓаните на земјата, преку кои се истакнува граѓанскиот карактер на Уставот, од една страна, и македонскиот народ, дел од албанскиот народ и другите народи, од друга страна, преку кои се истакнува националниот карактер на Уставот, создавајќи уште на самиот почеток во Уставот целосна забуна со мешање на термини и поими кои не се употребуваат во меѓународното право.

Вака професорката Тања Каракамишева за „Република“ ги оценува уставните измени кои беа усвоени од Владата и за кои Собранието треба да расправа

Таа потсетува дека  во меѓународното право за поимот делови од народи во официјална употреба е поимот национално малцинство, само малцинство, или терминот етничка група.

Во сите земји во светот тие малцинства или етнички групи се од значење за определување на етничкиот карактер на општеството, но не и на државата. Оттука,споменувањето на народите во Преамбулата на Уставот на Македонија создава конфузија во делот на државотворноста, и во делот на националната припадност. Направена е забуна, која потоа се согледува и во другите членови на Уставот, во делот кој е државотворен народ на земјата по чија што линија ќе се определува и националноста, односно државјанството во земјата, а кои се малцинства, односно етнички групи кои се делови од македонското општество, но кои мора да имаат национална припадност на државата согласно доминантниот државотворен фактор-објаснува професорката за „Република“.

Каракамишева нагласува дека поради оваа уставна конфузија потоа ни се случува во личните карти или во патните исправи на граѓаните во делот за нивната национална припадност да не стои македонско државјанство или македонска национална припадност, туку националната припадност на малцинството според матичната држава (албанска, турска, српска итн.) што е несвојствено за ниту една друга држава во регионот или во Европа.

Ваквата конфузија не е само спротивна на меѓународното право, туку прави голема штета на македонскиот народ кој поради овие забуни не може јасно и недвосмислено да се определи како државотворен народ во сопствената држава-додава професорката.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.