Бојан Јовановски денес пред Основниот кривичен суд во Скопје во својот завршен збор се пофали дека отсекогаш и за секаде бил среден и скоцкан, како и дека и денес, кога е спроведен од затвор е повторно среден. Пред Судот укажуваше дека неговата фамилија била ситуирана и никогаш не била без пари, и дека тоа што се облекувал побогато од другите секогаш му било проблем, дури и кога бил дете. Посочи дека не измамил ниту еден бизнисмен, ниту политичар, туку како што рече, тие го користеле и го измамиле него.

Јас сум дете кое потекнува од нормално ситуирано семејство и ние никогаш не сме биле без пари. Гледате, доаѓам од затвор, па пак сум скоцкан. Сум работел од 14 години. Сум се издвојувал секогаш од сите и тоа секогаш било проблем. Ама ете, сега некој ми го зема тоа за зло. Сум имал концерти, свое шоу како и естраден дел во Србија. Една ме навредуваа, други ме сакаа. Секогаш сум имал проблеми, но не до толку високо ниво, да се најдам пред суд. Немојте да мислите дека јас сум паднал од Марс и така сум земал пари и дека претходно сум немал. Не е точно, моите отсекогаш имале пари, рече во завршен збор пред судот Јовановки.

Тој побара од судот да донесе ослободителна пресуда за него.

Судот да донесе ослободителна пресуда за мене за обвинението и апелирам и го молам судот на законита пресуда бидејќи не треба да се суди мојот лик и дело, туку доказите. А и мојот лик и дело не се така црни и погледнете ја и мојата добра страна, бидејќи сум придонел за општо добро на ова општество. Комплетно се чувствувам невин, додаде Јовановски.

Беше неколку пати опоменат од судиите дека треба да се држи до доказите, а не да дава одбрана. На ова Јовановски укажа дека во судскиот процес за „Меѓународен сојуз” се работи за човечки животи, а не „за кило патлиџани”.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.