Фондот за здравствено осигурување реагира како што велат, поради се почестата злоупотреба од граѓани кои собираат донации за лекување во странство.

Во последно време има наплив на барања кои кружат на социјалните мрежи со молба граѓаните да се солидаризираат и да помогнат со уплата на телефонските броеви за донација или директно на сметка во банка.

Од ФЗОМ појаснуваат дека станува збор за собирање на донации за случаи каде што воопшто не било поднесено конзилијарно мислење, односно не било побарано лекување на товар на Фондот.

-Често се случува да се злоупотреби ФЗО бидејќи барањата кружат со изговор дека„ Фондот не одобрува“, иако пациентот воопшто не поднел документи во ФЗО, а со тоа не побарал лекување во странство преку Фондот. Со ова, не само што се злоупотребува институцијата, Фонд за здравствено осигурување, туку се манипулира и со граѓаните. Фондот е запознаен со повеќе случаи кои на ваков начин собираат финансиски средства од граѓаните. Еден од низата е случајот каде што се бараат 16.500 евра за итна операција на 13-годишно девојче на Институтот за ортопедија во Бањица. Под фотографијата на девојчето која се споделува на социјалните мрежи каде со зелени крупни букви пишува „УРГЕНТНО“, стои дека операцијата во Бањица „Фондот не ја поддржува“. Ја информираме јавноста дека за конкретниот случај во ФЗОРСМ ВООПШТО нема поднесено барање за лекување во странство, се вели во соопштението.

Оттаму појаснуваат дека контактиран е родителот кој објасни дека не му е потребно лекување преку ФЗО, туку се решил да собира донации за операција во Бањица и објасни зошто се одлучил на ваков чекор, процедура од која евидентно е дека не е запознаен со деталите од постапката.

Од Фондот ја објаснуваат постапката за упатување на лекување во странство која се поведува по барање на осигуреното лице.

Кон барањето осигуреното лице поднесува:
– предлог за упатување на лекување во странство од соодветната универзитетска клиника во Скопје;
– потребна медицинска и друга документација за текот на лекувањето во здравствените установи во Р.Македонија.

Согласно член 4 став 1 од Правилникот за начинот на користење на здравствени услуги на осигурените лица во странство, предлогот за упатување на лекување во странство го дава клиничкиот конзилиум од најмалку тројца лекари субспецијалисти/специјалисти и директорот на соодветната универзитетска клиника во Скопје и важи шест месеци од денот на издавањето.

Понатаму предметот со целокупната документација се разгледува од страна на лекарските комисии, при што по донесување на оценка и мислење се носи соодветен управен акт од страна на Фондот.

-Укажуваме, да не се пишуваат дезинформации во барањата кои се споделуваат на социјалните мрежи и да не се злоупотребува ФЗОРСМ во случаите каде воопшто не било побарано лекување преку Фондот бидејќи на ваков начин се руши угледот на институцијата, се создава погрешна перцепција во јавноста, а се манипулираат и граѓаните, велат од Фондот.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.