Врз основа на документ кој го поседуваме, а е интерен документ од државната ЕСМ, поранешно ЕЛЕМ, каде што ова раководство на ЕСМ кое е пред одење и пред катастрофален пораз на избори, се обидува во последен момент на потпише годишен договор за набавка на увозен јаглен во вредност од близу 100 милиони евра, односно 5 милијарди и 950 милиони денари, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од Охрид одговарајќи на новинарско прашање во врска со тоа на што се базира објавениот скандал за јаглен во РЕК Битола.

Мицкоски ги предупреди вработени да не подлегнуваат на притисоците од раководството и од СДС и ДУИ и да не дозволат да се крадат народот и државата.

Затоа јас ја користам оваа прилика да ги предупредам вработените, луѓето од термоелектраната во Битола да не подлегнуваат под притисоците на неколкумината од раководството и да потпишуваат документи со кои ќе го опљачкаат народот, со кои ќе ја пљачкаат Македонија, за сметка на малкумина од врхушката од СДС и ДУИ и малкумина луѓе кои се дел од менаџментот на ЕСМ, поранешно ЕЛЕМ, рече Мицкоски.

Мицкоски потенцираше дека тие кои го планираат овој скандал имаат намера со ситен аванс да ги наполнат куферите и да избегаат после 8 мај, како и тоа дека ќе има одговорност, а тој лично ќе се занимава со скандалот по формирањето на владата.

Сите оние кои ќе бидат соучесници во овој процес, но и оној другиот близу 3 милијарди денари, односно близу 50 милиони евра со вклучен ДДВ за ископ на јаглен и јаловина кој се подготвува за омилената компанија на раководството на СДС и ДУИ и малкумина од менаџментот на ЕСМ; сите оние кои ќе бидат дел од овој процес, ќе бидат соучесници и ќе одговараат. Лично ќе се занимавам по формирањето на новата влада со овој случај. Затоа ги предупредувам да не влегуваат во авантура со која ќе овозможат на малкумина ситни политички криминалци од раководството на СДС и ДУИ да ги наполнат куферите, а после дебаклот на 8 мај да избегаат. Нема каде да бегаат, нема каде да се кријат, секаде ќе ги најдеме, ова е порака до нив, изјави Мицкоски.

Мицкоски нагласи дека овој народ доста беше пљачкан, редно време е да добие народна влада, да ја вратиме довербата во институциите и Македонија да се развива онака како заслужува.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.