Поранешниот албански претседател и актуелен лидер на Партијата на слободата, Илир Мета, преку објава на социјалните мрежи изрази поддршка за ВМРО-ДПМНЕ и убеденост во победата на партијата, на претстојните избори. Тој оценува дека со победата на ВМРО-ДПМНЕ на изборите Македонија ќе продолжи безбедно да чекори по евроатлантскиот пат и повторно Албанците ќе бидат клучна гаранција за тоа.

Очекуваната победа на ВМРО-ДПМНЕ на претстојните избори ќе даде нова димензија на економскиот развој на Македонија во иднина, од која бенефит ќе имаат сите нејзини граѓани, напиша тој на Фејсбук.

Мета порача да не заборавиме дека визијата на партијата и политиките во владеењето ја трансформираа Македонија во 10-та земја во светот и 5-та во Европа по бизнис клима и странски инвестиции. Според него, благодарение на визијата на ВМРО-ДПМНЕ, Македонија направи бум во растот на земјоделството и сточарството, почнувајќи со 10 милиони евра годишна финансиска поддршка и зголемувајќи ги на 200 милиони евра.

Новиот тим на ВМРО-ДПМНЕ, верувам, доволно научи од грешките направени во минатото и последиците од непотизмот, кој ги засени извонредните економски и општествени достигнувања. Македонија ќе продолжи безбедно да чекори по евроатлантскиот пат и повторно Албанците ќе бидат клучната гаранција за тоа, пишува Мета.

Тој сподели фотографии од средби со лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, професорката Весна Јаневска и други членови од Комисијата за образование на ВМРО-ДПМНЕ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.