Само една недела откако лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски на лидерската средба понуди два предлози до премиерот Димитар Ковачевски со кои ќе се обезбеди гаранција на националниот идентитет и јазик на државата, Сојузна Република Германија е првата земја која најави носење на Резолуција за поддршка на зачленувањето на Македонија во ЕУ, на македонски јазик и македонскиот идентитет.
За Резолуцијата „Активно поддржете ја Македонија на нејзиниот пат кон Европската Унија“, предложена од владејачката парламентарна група на СПД, Зелените и ФДП, треба да се расправа в четврток во германскиот Бундестаг.
Оваа поддршка на македонскиот јазик и идентитет е само еден документ кој се очекува да се донесе од страна на другите земји одделно.
Потегот на Сојузна Германија го поздрави актуелниот пратеник во македонскиот парламент и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски, но потсети и на една ваква резолуција уште од 2004 година која иако била донесена не била обврзувачка.
Резолуцијата беше многу добра и со истата се бараше почитување на уставното име како еден од националните симболи на секоја суверена држава. Но, резолуцијата не беше обврзувачка за владата на официјален Берлин и нејзината примена никогаш не се случи, изјави Милошоски.
И Мицкоски ја поздрави резолуцијата, но смета дека Македонија никогаш немала проблем со Германија во однос на оспорување на македонскиот идентитет и јазик, туку, како што рече, треба да се донесат гаранции од сите 27 земји-членки на ЕУ, вклучително и Бугарија, која најавува дека уставните измени нема да бидат нејзиното последно барање.
Ние не го правиме ова за да влеземе во заедница со таа земја-членка што ќе ги донесе тие гаранции. Зборуваме за процес на членство на Македонија во рамките на Европската Унија, затоа ние сме многу внимателни кога зборуваме за гаранции, за потврда од страна на европските институции. Инаку, секоја ваква иницијатива е добредојдена и ја поздравуваме. Ви благодариме за поддршката, но ние никогаш не сме имале проблем со официјален Берлин околу нашиот идентитет, јазик итн. Исто како што немавме никаков проблем да бидеме стратешки партнери со Соединетите Американски Држави, со Турција кога добивме вето на Самитот (на НАТО) во Букурешт во 2008 година. Па, години потоа знаете што се случи. Така што, сите овие обиди се добредојдени, но нашата амбиција не е да влеземе во заедница со Сојузна Република Германија, рече Мицкоски во гостување во Тема на денот во централниот дневник на телевизија Сител.
Проблемот со соседна Бугарија и понатаму останува, доколку владата на СДСМ и ДУИ не ги прифатат предлозите на Мицкоски со кои ќе се даде гаранција за националниот идентитет и јазик.
Имено, додека владата на СДСМ и Ковачевски сѐ уште прават калкулации и ја дефокусираат јавноста со испревртени изјави, Мицкоски остана конзистентен на своите изјави во минатото, а тоа е дека Македонија мора да биде дел од Европската унија, но не по цена на се и дека нема да поддржи уставни измени по бугарски диктат.
Со предлозите кои ги даде Мицкоски всушност сака да го заштити македонскиот народ и Република Македонија од уште едно национално и меѓународно понижување од страна на соседна Бугарија пред другите земји-членки на ЕУ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.