Еврокомесарот за буџет и администрација Јоханес Хан смета дека е реално остварливо  Македонија да ѝ се приклучи на Европската Унија во следните неколку години, но дека е несериозно да се даде точен датум. Во интервју за ТВ Телма, тој вели дека прашањето „кога“ е чувствителна форма, затоа што тоа секако зависи од напредокот кој државите го остваруваат.

Тоа што е јасно, тоа што сѐ уште е валидно, и ќе биде и во иднина, е дека целиот процес е заснован на заслуги. Тоа значи дека ако државата исполнува, треба да ги добие и заслугите за тоа. Затоа не чекаме сите да бидат подготвени за пристапување, туку ако некоја држава порано биде подготвена, тогаш така треба да биде. Во случајот со Македонија, таков е впечатокот кој го добив и по денешните дискусии, исто така и сите информации кои ги слушнав и прочитав,  Македонија постигнала прилично голем напредок на нејзиниот пат кон ЕУ. Затоа, мислам дека треба да бидеме оптимисти, мислам дека е реално остварливо  Македонија да ѝ се приклучи на Унијата во следните неколку години. Но, да се даде точен датум е несериозно – изјави Хан.

Прашан кој повеќе потфрли во девизата „ако вие испорачате и ние ќе испорачаме“, Хан во интервјуто одговори дека „никој не е совршен“ и дека „ги критикува и земјите членки“.

Мислам, никој не е совршен, јас исто така ги критикувам и нашите членки, бидејќи навистина имаше ситуации кога Македонија го заврши својот дел, и тоа не беше адекватно почестено. Но, ќе повторам, тоа е начин кој сѐ уште не е комплетен, и мислам дека не треба да ги набројуваме индивидуалните неуспеси, или како и да е, мислам дека секогаш треба да гледаме напред. Ако го погледнеме севкупниот развој изминативе неколку години, има јасен напредок, јасна насока, јасна поддршка, исто така има и силна поддршка и во земјата, и ние треба тоа да го надградиме – посочи Хан.

За тоа, со кои аргументи сега би ги убедиле граѓаните за повторна отстапка за уставните измени, Хан рече дека генералните околности се значително променети, и дека постои моментум и подготвеност, посочувајќи дека сега има голема посветеност од претседателката на ЕК и силна поддршка од претседателот на Европскиот совет за проширувањето.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.