Општина Гази Баба станува двојазична. На таблите покрај македонскиот, ќе мора да се впише и албанскиот јазик. Ова доаѓа по резултатите од пописот, каде процентот на албанско население во оваа општина, сега е 20,3, со што според законот за употреба на јазиците, официјален јазик станува и Албанскиот.

Во единиците на локалната самоуправа јазикот и писмото што го користат најмалку 20% од граѓаните е службен јазик, покрај македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. За употребата на јазиците и писмата на кои зборуваат помалку од 20% од граѓаните во единиците на локалната самоуправа, одлучуваат органите на единиците на локалната самоуправа, пишува во член 1 став четири од Законот за употреба на јазиците.

Најновите бројки според пописот пак покажуваат и дека албанското знаме нема повеќе да се вее во Кичево. Законот за употреба на знамињата на задниците во Македонија, пропишува дека официјално знаме на одредена локална самоуправа покрај македонското е и она на граѓаните кои се од друга националност, но се над 50 проценти. Според пописот бројот на Албанци во Кичево сега е 41,27 проценти.

Во единицата на локалната самоуправа, во која живеат граѓани припадници на заедницата и се повеќе од 50% од населението во таа единица на локалната самоуправа, согласно со членот 2 од овој закон, пред и во објектите на органите на единицата на локалната самоуправа постојано се истакнати знамето на Република Македонија и знамето на таа заедница, се вели во член 5 од Законот за употреба на знамињата на заедниците во Македонија.

Сепак законските прописи по се изгледа не се важни за градоначалникот на Кичево, кој кажа дека нема да ги тргне албанските знамиња, велејќи дека бројките од пописот не се вистински.

Албанците во Кичево биле, се и остануваат мнозинство. Над 55% обезбедуваат отпор. Знамето го кренаа неговите синови и тоа ќе се вее гордо засекогаш, вели градоначалникот на Кичево Фатмир Дехари.

Според последните бројки бројот на запишани граѓани во Кичево е 39.699, од кои Албанци се 41,27 проценти, додека пак Македонци се 40,38 проценти. Од општина Гази Баба пак засега не се произнесуваат дали ќе ги менуваат таблите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.