И кога го говорам ова за младите, мора да се осврнам и за состојбата со која се соочува секој млад човек. А вистината е дека Македонија таква каква што е, државниот апарат кој ги манифестира сите недостатоци во функционирањето ги убива сите амбиции и можности за развој, но уште поважно, ги убива сонот и волјата за напредок. Реалноста говори дека криминалот, корупцијата, непотизмот, протекциите создаваат неквалитет кој постојано го истиснува квалитетот. И во вакви услови младиот човек не може да го живее животот со полни гради, затоа што државата става окови околу прогресот на секоја слободна иднивидуа – рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во своето обраќање на свечениот настан по повод 31 годишнина на УМС на ВМРО-ДПМНЕ – „Визија за победи, шанса за промени“ што денеска се одржува во салата „Марко Цепенков“ во Прилеп.


Тој запраша каков е примерот кој го покажуваат политичарите за младите, и дали сме свесни дека нашето секојдневие во кое живееме е и секојдневието на младите луѓе? Според него мекиците и софтверите на Рашкоски, рекетот на Заев, купчето пари на Ден Дончев се лекциите и примерите од возрасните со кои стануваат и легнуваат младите луѓе.

Секоја искра надеж е разградувана и газена од партиските притисоци на власта за нагласена партизација на општеството. Само во нашата Македонија партиската книшка стана посилна од парчето хартија на кое пишува Диплома за завршено високо образование. Државата, владата, не велам дека е единствениот џелат за иднината на младите, но државниот апарат е сигурно најгласниот убиец на соништата на нашите млади луѓе. Епилогот на ваквото колективно самоуништување како држава се виде и со овој несреќен и некомплетен попис. Речиси 200 илјади луѓе си ја побарале среќата некаде надвор од државата и се иселиле. И оваа појава е истата рана и за младите Македонци, и за младите Албанци, и за младите Турци, Роми, Срби, Власи или Бошњаци. Мора да го стопираме колективното самоуништување. Мора да изградиме држава која ќе нуди можности за младите луѓе. Мора да им кажеме на младите дека нивниот сон можат да го достигнат тука во својата земја, и дека нашата заедничка Македонија е најдобрата гаранција за реализација на нивниот сон. Мора еднаш за секогаш да се престане со партизицијата на општеството – рече лидерот на опозицијата.

Тој вели дека и во ВМРО-ДПМНЕ не би биле среќни сите со оваа негова изјава. Но, сепак,нагласи тој, не смееме веќе да тонеме во истата матрица на гледање низ нишан едни со други.

Нели сме тука да ги менуваме работите. Бидејќи секоја изгубена секунда значи загубена надеж за некој млад човек, секоја поделба значи отфрлена можност за остварување на заедничка иднина. Мора да овозможиме младите да сонуваат и да ги остварат тие соништа – рече Мицкоски.

Тој посочи и каде низ годините е погрешено и колку е сонот силен.

-Во деведесеттите години сонувавме, мечтаевме да ги менуваме работите. Се сеќавам на еланот со кој влегувавме од еден систем во друг систем. Се сеќавам на надежта дека ќе ги подобриме постојните институции, без да ги уништиме. И тој наш сон не беше да го уништиме тоа што добро функционирало туку да го прифатиме доброто кое моравме да го направиме уште подобро. Се сеќавам дека и покрај сите можни удари кои ни ги даваше животот, редици за млеко, бензин, празни рафтови по продавниците, родители кои остануваа без работа, ние сепак сонувавме, се надевавме и се боревме. Денес драги пријатели сѐ помалку има од тој сон, од таа надеж и енергија која нѐ движеше низ тие години. Независно дали успеавме во сите тие наши соништа, ние тогаш се боревме. И историската одговорност на една генерација е доколку не успее да го оствари сонот, да го предаде факелот на надежта и пораката за борба на наредната генерација. Паралелата со денес говори дека сѐ помалку младите ја имаат таа шанса да сонуваат и како да е прекината таа точка на наследување на идеалите, борбите и соништата, ама наша е должноста таа шанса да им ја дадеме на младите генерации. Затоа сите заедно, многумина како едно да тргнеме во остварувањето на нашиот сон и нашата заедничка иднина. Македонија – држава на сите луѓе од сите места и градови, на рамноправни едни со други, со еднакви шанси искористени согласно со капацитетите на индивидуата. Не постои нешто што се вика апсолутна еднаквост на сите со секого, но секако дека постои борба за еднакви можности за сите и за секого. Затоа на младите мора да им ја дадеме нивната шанса, надеж и визија која заедно ќе ја отсонуваме. И тоа им го должиме ним, но и си го должиме нам… Како до тоа? Преку промени што се случуваат, преку коренити промени на свеста, преку заедничко дефинирање на нашите цели и преку покажување на пркосен отпор и верба во идеите. За да има промени, мора да има избори. А владата бега од избори – рече Мицкоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.