Лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, чија партија е дел од владејачкото мнозинство, на средбата со албанскиот премиер Еди Рама оди со „сопствена агенда која е поврзана со политичката корупција во Македонија“. Како што соопштуваат од Алтернатива, Гаши ќе биде дел од средбата со Еди Рама вечерва во Тирана на која ќе пристигнат и лидерите на останатите политички партии кои ги застапуваат интересите на албанската етничка заедница, но нема да навлегува во дневно политичките агенди на останатите.

За Гаши, еден од приоритетите е уставниот амандман за спречување на застарување на кривичните дела поврзани со политичка корупција.

Алтернатива ја прифати поканата на албанскиот премиер Еди Рама без намера да влегува во дневно политичките агенди на другите поканети. Сакаме да потенцираме дека како партија на иднината сме подготвени да разговараме со секого ако темите се важните прашања кои ги загрижуваат Албанците во Cеверна Македонија. Имаме сопствена агенда и за истата очекуваме поддршка од сите присутни. Еден од приоритетите е нашиот Уставен амандман за спречување на застарување на кривичните дела поврзани со политичката корупција. Најважно од сè е дека нема нашиот политички капитал да го жртвуваме за амортизирање на ничија партиска криза. Граѓаните треба да бидат спокојни и да бидат сигурни дека Претседателот на Алтернатива, Африм Гаши, ќе продолжи да биде нивниот глас, соопштија од кабинетот на Гаши.

На средбата која ја свика Еди Рама покрај Гаши ќе присуствуваат лидерите на ДУИ, Али Ахмети, на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари и на ДПА, Мендух Тачи.

Билал Касами, претседател на Движењето Беса, ја прифати поканата, но најверојатно ќе има одвоена средба со албанскиот премиер затоа што одбива да седне на заедничка маса со Ахмети.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.