Хаки и Фејзи Азири, двајцата осудени за помагање во случајот „Монструм“, ќе се најдат на слобода со новиот закон за амнестија на Кренар Лога, доколку законот помине во Собрание.

Двоецот Азири е осуден на 9, односно на 15 години затвор за помагање по ликвидацијата на четири момчиња и еден возрасен човек кај Смилковското езеро, но со законот кој што го протурка во Влада министерот за правда Лога, а премиерот Димитар Ковачевски тврдеше дека тоa е само за осудени за полесни кривични дела, ќе излезат на слобода.

ТВ 24 дојде до дел од листата на осуденици кои ќе го напуштат Идризово доколку помине во Собрание законот за амнестија, на неа го има Хаки Азири, но адвокатот на Фејзи Азири, Насер Рауфи тврди дека и тој апсолутно излегува од Идризово.

Не само што очекувам, туку сум сигурен дека ќе излезат, дека ги опфаќа законот за амнестија, бидејќи тие се осудени, иако морам да кажам незаконски со фалсификувано вештачење и на кривични дела на помагање на сторител по извршувањето на кривичното дело, што значи дека има сосема друга правна квалификација. Затоа за таквите дела е предвидена амнестија, вели Рауфи за телевизијата.

Според Рауфи, двоецот Азири по автоматизам треба да излезе, но доколку има како што вели проблеми, адвокатите ќе интервенираат.

Очекуваме целосно ослободување, бидејќи опфаќа една третина од таа предвидена казна, чинам дека и Фејзи Азири со 15 години ќе излезе веднаш, а за Хаки Азири кој е осуден на 9 години има и повеќе од што треба за издржување со законот за амнестија, вели Рауфи.

Во меѓувреме, иако неодамна беше уапсен на Косово, Алил Демири, осудениот на доживотен затвор во Македонија за кривичното дело „тероризам“ за петкратното убиство кај Смилковско Езеро во 2012 година, беше пуштен од тамошните власти и повторно не беше екстрадиран.

Неговиот адвокат изјави дека надлежниот обвинител во случајот го повлекол барањето за изрекување мерка притвор, така што Демири, веднаш бил пуштен на слобода.

Од Министерството за правда велат дека одговорен за натамошната постапка сега е надлежниот суд, а одговор за екстрадицијата од 2018 година не е добиен.

За лицето Алил Демири побарани се две екстрадиции. Прв пат од Република Косово е побарана екстрадиција на 15.03.2013 година. Барањето за екстрадиција беше одбиено со пресуда на Основниот суд во Приштина од октомври 2015 година, потврдено и од Апелациониот суд на Косово јануари 2016 година. За Демири има официјален одговор од Косово во февруари 2016 година. Екстрадиција повторно е побарана  на 05.09.2018 година. Во постапките, сѐ што беше побарано од косовските власти беше доставено. Одговор за екстрадицијата од 2018 не е добиен, соопштуваат од Министерството за правда, дополнувајќи дека екстрадицијата од 2018 година е сѐ уште активна.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.