Директорот на Катастар, Борис Тунџев на прашање на „24инфо“ вели дека министерката за одбрана Славјанка Петровска нема хациенда како што обвини пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки.

Тунџев вели дека информациите се лага.

„Тоа што лажно го прикажува Ковачки не е имотен лист, зашто таков имотен лист не постои. Петровска нема никаква хациенда. Министерката за одбрана била сосопственик на идеален дел и тоа на помалку од третина на земјиштето, кое го има продадено“, вели Тунџев за „24инфо“.

Тој објаснува дека она што денеска Ковачки го презентираше пред медиумите, е пописен лист со незапишани и неутврдени права креиран во 2011 година, кој се користел во постапките на систематско запишување на правата врз недвижностите во катастарот на недвижности за КО Радишани и истиот не претставува доказ за сопственост.

-И во овој документ покрај нејзиното име стои право на сопственост – нула. Станува збор за класична лага. Петровска воопшто нема имот во Радишани како што самата потврди денеска. Тоа што било кое лице е евидентирано во некој пописен лист, не значи дека истото тоа лице е и носител на правото на сопственост на таа недвижност, појаснува Тунџев за Слободен печат.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.