Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски во интервјуто за Дојче Веле потенцира дека денеска Македонија е загрозена од корупција и организиран криминал, верификуван од меѓународната заедница, а лицемерно и цинично признати од актуелната власт, иста како режимот на Груевски.

Денес сме земја каде што обвинител за организиран криминал се бира по комшиска, роднинска и партиска врска. А Судскиот совет кој треба да е заштитник на спроведувањето на правдата личи на епизоди од Монти Пајтон. Денес децата на актуелните функционери незаконски и по најбрз пат стануваат судии и обвинители. Денес најголемата инвестиција Коридорите 8 и 10 д без меѓународен конкурс ги потпишува првиот вицепремиер на Владата од ДУИ, а не премиерот и министерот за транспорт и врски или директорот на ЈПДП! И да биде иронијата целосна, за фирма за надзор се бира фирма која била производител на долна облека. Притоа нема физибилити студија, идеен и главен проект, а изведувачот сам ќе проектира и изведува и притоа се исплатени повеќе од 150 милиони евра аванс, а покрај промотивната помпа не е фрлена една лопата. Холандскиот амбасадор соопшти дека го прекинува финансискиот фонд за Судскиот совет поради политичко влијание во него. Уште поголем скандал е што австрискиот амбасадор обвинува за диригирани судски постапки за долг од 4,5 милиони евра кон австриска фирма, од фирма која е во роднински врски со поранешниот премиер! Притоа експремиерот се заканува со тужба за клевета!? Американската амбасадорка исто така обвинува за корупцијата која царува во државата. Македонија стана толку „приватна држава“ на вечниот ДУИ и неговиот приврзок – водството на СДСМ, што рамо до рамо ја уништуваат државата. За ова не се борев до 2017 година“, истакнува Димитриевски.

Димитриевски посочи дека често слуша од граѓаните дека „сите се исти“, „сите ветуваат пред избори, а после ги нема“, а најчесто поставувано прашање е „кои се гаранциите дека тоа што ќе го ветите, ќе го исполните“, истакнувајќи дека целосно ги разбира, но општина Куманово е класичен пример за негација на констатациите.

Ги поканувам сите заинтересирани да нѐ посетат и да се уверат со каква динамика се развива Куманово, и како од трета најзадолжена општина во државата ја трансформиравме во финансиски најстабилна со цел да прерасне во европски современ град. Ние ветеното го испорачуваме. Ние сме единствена општина во државата со бесплатен јавен превоз за сите граѓани. Завршени се три нови кружни текови на главните булевари, во тек е реконструкција на стариот градски парк со изградба на нов „смарт парк“. Во тек е реконструкција на Соколанскиот парк, на спортската сала, а ќе се реконструира и малиот плоштад. Изградени и реконструирани се голем број улици во урбаните и во руралните средини на општината“, вели Димитриевски.

Тој информираше дека се реконструирани трите средни општински училишта, а се подготвува проект и за изградба на ново, на албански наставен јазик.

Има нови инвестиции во основните училишта, изградивме и реконструиравме 13 спортски терени. Ја развиваме новата индустриска зона „Новини и Речица“ во која почна со работа фабрика на грчки инвеститор. Преговараме со германската „Лидл“ за нова инвестиција во логистичкиот центар. „Дрекслермајер“ веќе го отвори својот втор погон во Куманово и вработува над илјада работници, а ние го адаптиравме техничкото училиште да ги следи во едукација на потребен кадар. Почна со работа новиот трговски центар „Плаца“ со реномирани брендови. Сето ова потврдува дека странските и домашни инвестиции се приоритет за локалниот економски развој, кои покрај нови вработувања го зголемуваат стандардот и квалитетот на животот на граѓаните на Куманово. Остварените предизборни ветувања ја докажуваат нашата посветеност за европско Куманово и убеден сум дека оваа можеме да го потврдиме и на национално ниво!“, додаде Димитриевски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.