Претседателот на Владата на Република Македонија, Талат Џафери, се сретна со Велимир Шљиванчанин, привремен вршител на работи во Амбасадата на Црна Гора во Скопје.
На состанокот се истакна големото и традиционално пријателство помеѓу граѓаните на двете земји и билатералните односи коишто се без отворени прашања, и се базираат на долгогодишна и конструктивна соработка која постојано оди во нагорна линија.
Во таа насока, соговорниците заеднички констатираа дека Македонија и Црна Гора се пример како се градат и развиваат добрососедски односи.
Посебно беше потенцирана и важноста на сојузништвото во НАТО на двете држави, кое во актуелниот геополитички контекст е од особено значење за целиот регион и за Европа. Се разменија и искуства од придобивките на државите со зачленувањето на НАТО, како и околу реформските процеси кои се неопходни за евроинтеграцискиот процес.
Премиерот Џафери нагласи дека, Република Македонија е успешна мултиетничка демократија, модел за Европа во мало. И, изрази очекување дека во скоро време и припадниците на црногорската заедница во Македонија ќе бидат внесени во Уставот, со што државата ќе го отвори и првиот кластер во преговарачкиот процес со ЕУ.
На средбата разговараа и за можностите за унапредување на економската соработка и трговската размена, како и одржувањето на заедничка меѓу-владина седница на двете земји, веднаш по изборите во Република Македонија.
Шљиванчанин го честиташе изборот на Џафери за претседател на Владата и се заблагодари за посветеноста на Владата во продолжување на процесот на уставни измени, со кои и црногорската заедница би станала составен дел од Уставот. Притоа, истакна дека тоа е од важност не само за Црна Гора и за билатералните односи меѓу двете земји, туку и за деблокирањето на патот на Македонија кон ЕУ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.