Денес во 15.30 часот во Владата ќе се оддржи средба помеѓу премиерот Христијан Мицкоски и градоначалничката на Скопје Данела Арсовска. Средбата доаѓа по бројните реакции на скопските општини и ЗЕЛС и министерот за локална самоуорава Перински дека градот има акутен проблем со хигиената и складирањето на сметот.

Бараме одземање на надлежностите и ингеренциите, назначување на владин повереник и започнување на процес на расформирање на овие две јавни претпријатија и предвање на надлежностите но и обрвските на секоја од скопските општини, изјави претседателот на ЗЕЛС Орце Ѓоргиевски.

Градот ќе заличи на нешто ако ние ги преземеме ингеренциите на Комунална хигиена и Паркови и зеленило, ветуваа скопските градоначалници и бараат овие јавни претпријатија да се расформираат. Тие забележуваат дека немаат комуникација со Градот.

Министерот за локална самоуправа Златко Перински јавно ги повика надлежните институции, да преземат мерки и активности за да се утврди зошто градоначалникот на Град Скопје не постапува согласно со своите надлежности и со тоа го загрозува животот и безбедноста на скопјани.

Според Перински, недозволиво и опасно е по скопските улици да има неподигнат и расфрлан смет на секој чекор и тоа на енормно високи температури. Срамни и опасни се, смета министерот, неискосените тревни површини на јавните простори под градска надлежност, каде се рекреираат скопјани и играат најмладите. Истовремено, не постои соодветен збор за нередовниот и небезбеден јавен превоз, кој е единствен транспорт на илјадници граѓани.

Од друга страна премиерот Мицкоски прашан за коментар во врска со предлогот од Град Скопје кој понуди да учествува и формира посебно работно и координативно тело со Владата за решавање на проблемите во Скопје, Мицкоски одговори дека прифаќа сѐ што е во интерес на скопјани. Затоа што, рече, „градот мора да функционира нормално“, посочувајќи дека претстои и почеток на нова учебна година и граѓаните веќе се враќаат од годишните одмори.

Сѐ што е потребно ќе направам, и ќе се сретнам, и ќе формираме тим, сѐ што е потребно во интерес на скопјани, само проблемот да се реши. Не може вака, ние сега функционираме во ненормални услови, кои не личат на главен град на земја. За секое решение сум подготвен и доколку гледаме дека нема прогрес, тогаш мора да одиме радикално или, да се изразам со докторски речник – да не влегуваме ептен инвазивно во прикаската, па и во здравото да влеземе. Да се обидеме да го санираме тоа што може да се санира со разговор, со политика, со дипломатија. Доколку видиме дека тука нема прогрес, тогаш ќе мора инвазивно да влеземе во решавање на проблемот, изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања.Арсовска побара помош од Градот за проблемот со сметот. „Раководството на град Скопје е подготвено уште утре да седне на заедничка маса со Претседателот на Владата”, стоеше во дописот на Градот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.