Во Министерството за труд и социјална политика претпладнево ќе се оддржи нова средба помеѓу министерката Јованка Тренчевска и претседателот на Синдикатот за образование наука и култура, Јаким Неделков, за изнаоѓање решение околу исплатата на плати за вработените во предучилишните установи кои учествуваа во штрајкот, организиран од СОНК.

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска по последната средба со Неделков на 17 мај, изјави дека ги приближуваат ставовите со СОНК и оти очекува до крајот на неделава да биде постигнат договор.

– Блиску сме до конечно решение. Се разговара за повеќе понудени предлог решенија и од МТСП и од страна на СОНК и дојдовме до приближување на ставовите кон она што значи решавање на спорот. Во текот на неделата продолжуваме повторно со дијалогот. Се надевам дека до крајот на неделава ќе имаме потпишано спогодби и конечно решение во однос на одлуката на штрајк во предучилишните установи. Тоа треба да биде во интерес и на МТСП и на СОНК односно вработените во градинките, а да е во согласност со законот, рече Тренчевска по средбата со Неделков.

И претседателот на СОНК изрази оптимизам  дека е можно да се дојде до решение, но, потенцира, доколку тоа не се случи може да има последици на одлуката за прекин или продолжување на штрајкот.

-Убедени сме дека и овој проблем позитивно ќе биде решен до крајот на неделата. Тоа не би требало се чини да биде сламка на сопнување, од аспект на тоа што има добра волја од двете страни да се надмине ситуацијата, рече Неделков.

По повеќедневни преговори со посредство на медијатор, СОНК во вторникот постигна договор со МОН платите на вработените во образованието од септември да се зголемат за 15 проценти и да нема кратење на платите за периодот додека траеше штрајкот. Истото ќе важи и за вработените во градинките.

Генералниот штрајк на СОНК кој почна на 11 април, беше ставен во мирување на 28 април кога Синдикатотот беше известен од МТСП за законската одредба од најмногу 20 дена за помирување. Синдикалниот лидер Јаким Неделков тогаш соопшти дека штрајкот ќе биде повторно активиран доколку не ги усогласат ставовите со Владата односно со ресорните министерства.

Штрајкот во градинките и училиштата почна на 11 април со барање за зголемување на платите од 18,4 проценти. На 28 април, штрајкот беше ставен во мирување откако Синдикатот доби известување од Министерството за труд и социјална политика дека МОН бара мирно решавање на работниот спор со посредство на медијатор. По назначувањето на медијаторот, почна процесот на помирување меѓу СОНК и МОН.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.