Аплаузот во Соборниот храм покажува што очекувале верниците. Ќе беа разочарани доколку не се случеше денеска признавањето, но сметам дека ќе имаше трпение и понатаму. Целата атмосфера во црквата отсликуваше едно олеснување и ведрина. Народот се чувствуваше изморен и малку збунет, а сега и радосен, вели деканот на Богословскиот факултет, Ѓоко Ѓорѓевски за денешното признавање на МПЦ-ОА од страна на СПЦ.

На 9-ти мај почнавме да гледаме повеќе од светлина, беше јасен правецот. Се изнајде решение за сите пречки. Ме радува дека овој благослов од СПЦ се случува без ниту едно условување, нѐ прифаќаат како што сме. Ова е во краток период и мораше да се случи. 55 години беше долг период на чекање, рече Ѓорѓевски во Дневникот на ТВ Сител.

Според деканот, следниот чекор за МПЦ ќе се фокусира на гледање напред.

Тоа се луѓе кои се наши. Треба да гледаме нанапред. На 12-ти јуни во Вселенската патријаршија не очекува уште една потврда. Служењето во Цариград на македонски патријарх ќе биде историски настан, смета Ѓорѓевски.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.