Премиерот Димитар Ковачевски утре напладне во Собранието на Република Македонија ќе одржи лидерска средба со претседателите на парламентарните политички партии.

Средбата, како што е најавено, ќе се одржи во Кристалната сала на Собранието во 12 часот.

Евроинтеграциите останува нејасно дали ќе бидат тема на лидерската средба. Премиерот Димитар Ковачевски во најавата дека ќе свика лидерска средба ги посочи како една од темите на кои ќе се разговара, но тие не се најдоа на агендата што опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја објави како прифатлива за одржување на лидерска средба.

Евроинтеграцијата, редовните претседателски и парламентарни избори, како и измените на Изборниот законик согласно препораките на ОБСЕ/ОДИХР, ги посочи премиерот Димитар Ковачевски, како теми на лидерска средба.

Од ВМРО-ДПМНЕ, потоа излегоа со став дека е прифатлива лидерска средба, но на која би се разговарало за конечно прецизирање на датум за избори, прифаќање на забелешките на ОБСЕ/ОДИХР, како и понудата за укинување на техничка влада, во замена за тоа да нема технички премиер од ДУИ.

Премиерот Димитар Ковачевски, вчера рече дека успешна лидерска средба значи дека политичките партии ќе седнат на маса и нема да постои уценување од една политичка партија кон друга.

Очекувам конструктивна лидерска средба во која ќе учествуваат сите политички партии застапени во Парламентот, бидејќи тоа е начинот на кој функционира едно демократско општество, каде што сите кои учествуваат во еден натпревар треба да имаат збор во начинот на кој се организира натпреварот, изјави вчера Ковачевски во одговор на новинарско прашање по посета на фабриката „АТС АММО“ во Македонски брод.

Финалниот збор за датумот на одржување на парламентарните и претседателските избори, како што рече Ковачевски, треба да го кажат партиите, но според календарот најголема можност за такво нешто е во месецот мај, потсетувајќи дека следната година ќе бидат први редовни парламентарни избори во нашата држава по 2006 година.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.