Делува понижувачки и застрашувачки! Двајца претседатели на Република Македонија, еден актуелен и еден поранешен, Стево Пендаровски и Бранко Цвенковски, но обајцата припадници на левицата од владејачкиот СДСМ, не знаат како да најдат излез од наметнатиот македонско-бугарски јазол, а уште помалку каква иднина нѐ очекува и како држава, и како народ, и како нација!, анализира „Пресинг ТВ“.

Поконкретно, каде припаѓа Република Македонија на својот евроинтегративен пат – дали во Европската унија или на најавената европска политичка заедница? И тоа по цели 30 години самостојност, две години официјално членство во НАТО и енормно високо платена цена за тоа.

А, ако тоа не го знаат двајца претседатели, тогаш каква држава сме и каква држава тие претставуваат или претставувале?! Што тогаш на ова да каже обичниот народ? Дека сме изгубени во вселената, без визија и компас ниту за минатото, ниту за сегашноста, ниту за иднината! – прашува „Пресинг ТВ“ во анализата.

Поранешниот прв човек на СДСМ, премиер и претседател на државата, Бранко Црвенковски, во својот настап пред Дипломатскиот совет беше сурово реален. Го призна тоа што им беше познато и на врапчињата на гранка – дека потпишувањето на асиметричниот Договор за добрососедство, пријателство и соработка со Бугарија во главниот негов сегмент за „заедничка историја„ било грешка. И некаков излез од ќор-сокакот гледа во т.н. „асиметрична историја“, ако таква историја воопшто постои. Од француско-германското искуство, на пример, постои заеднички дополнителен учебник по историја.

Но, таквиот пример уште на стартот за бугарската страна беше неприфатлив, што пак, на извесен начин, беше потврда на европското неснаоѓање. Во исти ситуации да дозволи различни практики, што само ги зголеми апетитите на официјална Софија и ја отвори Пандорината кутија. Не таа, што ја споменува Црвенковски, туку кутијата за идните преговори меѓу останатите претенденти за членство и земјите-членки на ЕУ. Еноставно, ревизионистичкото препрочитување на европската историја е дупка без дно.

Црвенковски сега, од оваа временска дистанца, може да биде предмет на напади и на етикетирања, на оценка на неговото практикување на власта, и тоа од страна на неговите некогашни медиумски „пулени и деца“, но непобитен факт е дека и неговото јавување по фамозното интервју на експремиерот Зоран Заев за агенцијата БГНЕС и ова последното нималку не се случајни.

Напротив! Погодуваат точно во центар, му се допаѓало некому тоа или не. А, споредбите од типот дека  „муртинецот“ Заев за „скопјанецот“ Црвенковски е Кисинџер и Черчил во едно, не кажуваат ништо друго, освен дека доаѓаат од обични политички дунстери, кои немаат елементарни познавања од историјата. Уште повеќе, дека за нова доза зелени банкноти се подговени родено дете да продадат, а не пак држава, народ и нација.

Да биде иронијата поголема, бугарската ексминистерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, во своето последно интервју за софиски „Труд“ (30 мај 2022 година) меѓу другото изјави дека не само што во односите меѓу Бугарија и Македонија нема ништо суштински ново, туку тие назадуваат. А, како основен параметар за тоа тврдење го користи податокот дека поранешните премиери Зоран Заев и Бојко Борисов заеднички го чествувале 24 мај во Рим, додека актуелните Димитар Ковачевски и Кирил Петков тоа не го сториле!

Ова, пак, отвора друго прашање – ако Ковачевски и Петков не ги чествуваат заеднички светите браќа Кирил и Методиј, тогаш што за нив договорила заедничката комисија за историски и за прашања на учебниците? Која е формулацијата, што се води како прифатена и треба да влезе во македонските учебници, зошто таа не е до сега објавена, а била основа за заедничко чествување на Заев  и Борисов? Ова прашање добива на тежина особено по новонастанатата ситуација со МПЦ-ОА.

По денешниот настап на претседателот Пендаровски во Утрински брифинг, прво што на обичен смртник му паѓа на ум е каде по патот му се изгуби она негово „историско“ обраќање кон поранешниот бугарски премиер Борисов „кај си љубави, те поздрави Зоки“!?

А, дека и тој беше изненаден и неподготвен од бугарското толкување на „заедничката историја“ знаеме одамна, од едно негово интервју за „Еуроактив“ или „Еуроњус“, што впрочем и не е толку важно. Важно е дека и неговиот оптимизам од под 50% за почетокот на преговарачкиот процес од пред некој ден се сведе на нула, па сега вели дека перспективата за ЕУ во догледно време, за жал е завршена!

А, уште поважно и можеби пострашно е дека како шеф на државата не знае дали Македонија ќе биде дел од пакетот на новата европска политичка заедница! Тоа што блефира со кој образ ќе излезе пред народот за да му објасни нешто што не знае, не треба да изненадува никого. Ќе излезе со истиот образ со кој стана и претседател на државата со ветување за членство во ЕУ. Колку е тоа образ, тоа самиот си знае. На крајот на краиштата, си има институт-оставка!

Но, покрај овие објаснувања, Пендаровски треба да даде и други. На пример, како ќе го објасни натамошното функционирање и работата на македонско-бугарската комисија за прашања од историјата и за учебниците?

Ова особено ако македонската Влада се согласи бугарските барања да бидат дел од евентуалната преговарачка рамка со ЕУ. Зашто, тогаш работата би се свела на онаа позната секвенца од последниот разговор меѓу Гоце Делчев и Дамјан Груев, кога одлуката за предвремено кревање на Илинденското востание Груев ќе ја оправда со зборовите: „Доста е! Подобро ужасен крај, отколку ужас без крај“. Или со други зборови, тогаш нема да биде важно дали Македонците ќе станат Бугари сега или по 10-15 години.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.