На неодреден рок останува заглавено судењето за автобуската несреќа кај Ласкарци, која се случи на 13 февруари 2019 година околу 17 часот. Бирото за судски вештачења не сака да лицитира со термин кога ќе биде готова анализата од која зависи разврската за несреќата што одзеде 16 човечки животи. Велат дека активно се работело на супервештачењето, биле вклучени седуммина експерти, но материјалот бил обемен, па неизвесно било кога ќе финишира процесот.
Имајќи го во предвид обемот на материјалите вклучени во судските списи, времето потребно за анализа на списите од страна на тимот на вешти лица и активностите кои произлегуваат од самата анализа, во оваа фаза не може со сигурност да се предвиди рокот за конечно изготување на бараните супервештачења, велат од Бирото за судски вештачења за „Сител“.
Од ноември лани нема судење за сопственикот на „Дурмо турс“, вработените во станицата за технички преглед и возачот на автобусот кои првпат на обвинителна клупа седнаа пред точно три години. Ниту ургенциите на Кривичниот суд не ја забрзале работата на Бирото на судски вештачења, иако редовно се закажуваат судењата.
Во меѓувреме утре почнува и судењето за сопственикот на „Беса транс“, чиј автобус одзеде 45 човечки животи кога на 23 ноември на се запали на автопатот „Струма“ во Бугарија. Беким Хаџиу е обвинет дека ја фалсификувал лиценцата за јавен превоз на автобусот кој лани изгоре во Бугарија. Обвинителството води предистрага и за цариниците кои дозволиле возилото со лажни документи да ја минува државната граница..
Надлежен јавен обвинител го очекува постапувањето на Царинската управа во насока на утврдување на фактичката состојба во поглед на инволвираните лица во предметот и нивното дејствување. По анализа на бараните информации, Јавниот обвинител ќе донесе одлука за понатамошно постапување, велат од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција за телевизијата.
Бугарија пак ја запре истрагата за несреќата со објаснување дека постојат нови моменти кои дополнително треба да се утврдат..
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.