Претседателот на Република Македонија, Стево Пендаровски, по повод празникот Свети Сава упати честитка до припадниците на српската заедница во Република Македонија.

Дозволете да ви го честитам Свети Сава ‒ Националниот ден на Србите во Република Северна Македонија и да ви посакам празникот да го поминете во мир, радост, среќа и благосостојба. Со својата духовна и просветителска дејност, Свети Сава остави трајно наследство меѓу својот српски народ, но се здоби со почит и слава меѓу сите христијани на Балканскиот Полуостров. Неговото житие е пример за верба, посветеност и истрајност од кој генерации и генерации негови следбеници наоѓаат инспирација за исполнет и достоинствен живот.

Вие, припадниците на српската заедница, со своите традиции и обичаи, историја и култура сте неотуѓив сегмент од севкупното културно и општествено живеење во нашата земја. Ја користам оваа честитка да ви се заблагодарам за сиот придонес во градењето на меѓусебно разбирање и соживот како влог во изградбата на модерна и просперитетна Република Северна Македонија. Да продолжиме максимално да работиме на развојот на нашата заедничка татковина и благосостојбата на сите нејзини граѓани.

Нека е честит 27 јануари, Денот на Свети Сава.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.