Буџетот е во Собранието, е најголем до сега, но она што е одвоено за животна средина е маргинално, само 0,65 проценти. Сите овие изминати години, овој процент е минимален и почнува со нула, со исклучок на 2022 година каде се издигна над еден процент од Буџетот, но колку ќе биде реализирано на крај на годината, останува отворено прашање, нагласија од О2 Иницијатива.

Оттаму потсетија дека во 2019, како приоритет, Владата воведе програма за намалување на аерозагадувањето, за во 2021 година, како што истакнаа, оваа програма неславно да згасне, со реализирани само 324 илјади евра за таа цел. Аерозагадувањето, како што заклучија од О2 Иницијатива, е проблем за кој имаше залет да се реши, но многу бргу замре.

Истата година, 2019, Владата создаде нова програма, за Зелен развој, за решавање на климатските и еколошки проблеми, но првата година сите средства беа пренаменети за друг цели, а за годинава планирани се само 1.6 милиони евра, односно 0.03 проценти од Буџетот, за 17 пати помалку од средствата за годинава, додадоа од О2 Иницијатива.

Оттаму истакнаа дека во Буџетот за 2023 година и натаму нема предвидени средства за промена на начинот на греење на болниците, нема средства за темпираната бомба на депонијата со хром на Југохром која се провлекува со децении, каде канцерогениот шествалентен хром понира уште подлабоко и подалеку, висејќи како Дамоклов меч врз водата од изворот Рашче.

Од О2 иницијатива додадоа дека нема средства ниту за мерење на опасните супстанци во воздухот со акредитирани методи од државни лаборатории, што како држава, законски имаме обврска да ги мериме редовно и континуирано, а кои мерења инспекторите можат да ги користат во своите надзори.

Животната средина, кога се работи за клучните нешта, постојано останува на маргините, а истата е основа на нашиот живот, без која не се може. Ако се загади водата на Рашче, ќе нема вода за пиење на цел скопски регион, ако ги оставиме болниците на мазут, ќе продолжи нивното смртоносно влијание врз ранливите категории кои се лечат и престојуваат во нив, како и жителите во нивниот округ, но и пошироко. Последиците ќе бидат прерано загубените животи и бројните заболени од респираторни, кардиоваскуларни, канцерогени заболувања. Немерење на особено опасните и канцерогени супстанци во воздухот, ќе оневозможи доколку има повисоки вредности да се реагира на време и да бидат преземени мерки за нивно намалување, а со тоа директно да се заштити здравјето на луѓето, заклучија од О2 Иницијатива.

Години наназад, О2 Иницијатива поднесува предлог-амадмани на Буџетот до пратениците, кои потоа ги поднесуваат во нивно име.

И оваа година не е исклучок и нашите амандмани се токму на наведените теми. Минатогодишното усвојување на амандманот за спроведување на првични анализи во Пеленица од страна на министерот за финансии Бесими и пратениците, доведе до минатомесечното испитување на терен и потврдување дека на таа локација е закопан линдан, негови деривати и друг индустриски отпад. Апелираме јавно до министерот за финансии Фатмир Бесими, неговиот заменик Филип Николоски и до сите пратеници членови на Комисијата за финансирање и буџет, да ги усвојат амандманите предложени во име на О2 Иницијатива, имајќи ја предвид сериозноста и критичноста на проблемите кои ги опфаќаат, потенцираа од О2 Иницијатива.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.