Откако во последното деноноќие беа регистрирани нови 1.732 позитивни на Ковид-19, бројот на активни случаи се искачи на 15.228, од кои најголем број – 8333 се во Скопје.

Според извештаите од болниците, во моментов, со Ковид-19 се хоспитализирани 340 лица. Од нив 81 отсто не се вакцинирани, додека 19 проценти се вакцинирани. Во исто време, 78 отсто од починатите лица од Ковид-19 биле невакцинирани, а 22 отсто од починатите примиле вакцина, покажува анализата објавена од Министерството за здравство за вакцинирани од позитивните случаи со Ковид-19 во период од 6 август 2021 година до 13 јануари 2022 година.

Во период од 06.08.2021 до 13.01.2022 година на територија на државата како позитивни на Ковид-19 се тестирани 85.593 граѓанин, од кои 37 отсто биле целосно вакцинирани, односно станува збор за 32.079 лица. Според статистиката за изминативе месеци, 53.514 граѓани, односно 63 отсто од позитивните на Ковид-19 не биле вакцинирани. Анализата на Министерството покажува дека смртноста кај невакцинираните е драстично поголема.

Според анализите, починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања. Пациентите биле вакцинирани со сите типови вакцини кои ги има на располагање кај нас, посочуваат од Министерство и апелираат граѓаните да се вакцинираат, бидејќи, како што велат, само така ќе дојдеме до колективен имунитет и ќе спречиме ширење на мутации на САРС-КоВ-2.

Досега во земјата се направени вкупно 1.692.991 тестирања на Ковид-19. Вкупниот број КОВИД-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 241.651, а бројот на починати е 8.083.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.