Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, пристигна во Скопје и ја започна работната посета нa Македонија.

За Брнабиќ беше организиран официјален прием пред Владата на Македонија, а потоа започнала средба на двете делегации предводени од неа и од нејзиниот македонски колега, Димитар Ковачевски.

(фото: МИА)

Како теми на средбата најавени се натамошниот развој на пријателските односи, договор за третата заедничка седница, иницијативата Отворен Балкан, билатералната соработка, трговската размена меѓу двете земји и проектот за железница Будимпешта-Белград-Скопје.

Ова е прва билатерална средба на Брнабиќ со новиот премиер Ковачевски.

Заедно со Ковачевски, таа ќе присуствува на отворањето на самитот Македонија 2025, регионален собир кој секоја година собира повеќе од 250 учесници и служи како платформа за размена на знаења, најнови светски деловни трендови, инвестиции, технолошки иновации, поврзување на организации и инспиративни промени во Југоисточна Европа.

(фото: МИА)

Фокусот на овогодинешниот самит е дигитализацијата и развојот на дигиталните вештини, регионални и глобални теми, а Брнабиќ ќе учествува на премиерскиот панел „Градење просперитетна иднина: улогата на регионалната соработка“.

На самитот секоја година учествуваат владини претставници, компании кои работат во регионот, членови на дипломатскиот кор и меѓународни организации, како и членови на академската заедница и на граѓанското општество.

Самитот започнува денеска и ќе трае до 19 мај, а ќе го затвори македонскиот претседател Стево Пендаровски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.