Во дипломатијата нема пријатели, има само интерес, така да тоа се потврдува на наш грб уште еднаш. Бевме уверувани пред 4-5 години дека тоа е последната пречка, нели Преспанскиот договор, којашто стои пред нашиот евроинтеграциски пат, па поtoa излезе дека кога Грција го тргна ветото, Франција ни стави вето. Значи не беше веднаш Бугарија, туку Франција ни стави вето, за да сега истата Франција поднесе француски предлог. А, по француското вето, Македонија го доби и бугарското вето – истакна Владимир Божиновски при гостување во емисијата „Само вистина“.

Божиновски потсети дека власта потпишуваше секакви договори каде што се бараше се и сешто од Македонија, работи кои во минатото никогаш не биле ниту дискутирани.

Мора да имаме некаква заштита која што ќе ни гарантира дека ние ќе ги почнеме тие преговори без притоа некој да не условува. Многу беше проѕирно, многу беше јасно дека Бугарија си го чека редот. Мојот став за проблемот Бугарите што го имаат очигледно со нас е дека ние не требаше да преговараме воопшто, а јас година ипол го говорев тоа. Тоа си е работа помеѓу Бугарија и ЕУ, нас ни беше ветено дека ќе почнеме преговори со ЕУ и тоа го чекаме. Во преговарачката рамка досега ниту еднаш за ниту една држава не е ставен билатерален проблем. Сега не само што ние ќе спориме со Бугарија, туку сега ние ќе спориме со ЕУ затоа што сега Бугарија ќе биде сокриена позади ЕУ. Значи сега тоа нема да бидат условувања на Бугарија туку сега тоа ќе бидат барања од ЕУ доколку сакаме да напредуваме. Значи тоа е ужас без крај –  нагласува Божиновски.

Тој посочи дека самото прифаќање на францускиот предлог не значи дека Македонија ќе влезе во ЕУ.

Јас ги слушам некои од владините портпароли, министри и други челници велат дека уште ова да се прифати, добар е предлогот и ние влегуваме во ЕУ. Но, не влегуваме во ЕУ. Како влегуваме во ЕУ? Ние ниту ги почнуваме преговорите. За да ги почнеме треба да го промениме Уставот – појасни Божиновски.

Тој додаде дека со прифаќање на Ултиматумот не се почнуваат преговорите со ЕУ. Тој вели дека Македонија со прифаќање на овој француски предлог не влегува веднаш во ЕУ. Со потпишување на францускиот предлог де факто Македонија си ги затвора вратите на ЕУ.

Имаме огромни протести, досега невидени во Македонија и тоа натпартиски. На протестите имате луѓе од сите партии, имате луѓе што гласаат и што не гласаат. Академската заедница е исто така обединета дека овој предлог не е добар. Од МАНУ повеќе професори излегоа, академици кои велат дека не треба да се потпише овој предлог – заклучи Божиновски.

Тој истакна дека целата македонска јавност се против предлогот. Власта треба да ја послуша јавноста и да го отфрли предлогот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.