Македонија очигледно не ја научила лекцијата од ланските големи пожари, кои ја разоткрија неспремноста на властите и на системот, која беше најдобро илустрирана во тоа што сите три авиони „Ер трактори“, специјализирани за гасење пожари, цело лето ни беа приземјени, пишува БИРН во анализа на подготвеноста на балканските земји за летната сезона на шумски пожари.

Лани пожарите беснееја цел месец, а властите мораа да се потпрат на авионите и хеликоптерите што напомош ни ги испратија соседните земји и државите од Централна и од Источна Европа, како и на ограничените капацитети на двата повеќенаменски хеликоптери на армијата, „Ми-8“.

Тогашниот премиер Зоран Заев вети дека трите авиони ќе бидат испратени на итна поправка во странство.

Една година подоцна, истиот дебакл може да се случи летово, пишува БИРН. Властите информираат дека само еден од трите авиони е вратен во функција, другиот сѐ уште се сервисира, а третиот и натаму е приземјен.

Заев издаде наредба за поправка, но ситуацијата беше толку сериозна што авионите не се поправени сѐ уште. Еден беше сервисиран и вратен, вториот е сѐ уште на сервис и го очекуваме неговото пристигнување во секој момент, но третиот сѐ уште не е ниту испратен на поправка –  вели Стојанче Ангелов, директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Трите авиони се во директна надлежност на Дирекцијата за заштита и спасување, иако таа се координира со Центарот за управување со кризи. Од БИРН не можеле да добие детални одговори од оваа дирекција за одолжените поправки.

Според анализата, бавните процедури за набавка, несмасното одржување и во некои случаи недостигот од обучени пилоти значат дека во оваа летна сезона не само Македонија, туку и сите балкански земји, влегуваат со мали капацитети. Можат само да се надеваат дека некој однадвор ќе им помогне ако има голема потреба.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.