Откако во Македонија шпекулациите стануваат се погласни дека ДУИ по повеќе од 20 години во власта редно време е да одмори малку во опозиција, а со тоа и нивниот лидер Али Ахмети да се пензионира, борбата за престолонаследник во партијата започнa, пишува порталот „Вечер.мк“.
Како што пишува порталот, со одредени постапки на политичарите, слободно може да се заклучи дека на Македонија и претстојат предвремени парламентарни избори, а се поизвесна е промена на власта.
Актуелната власт на СДСМ и ДУИ од ден на ден се повеќе тоне, иако дел од аналитичарите го пофалија фуриозниот почеток на Ковачевски како премиер, сега по нешто повеќе од два месеци со него на чело на македонската влада, таа фуриозност е сведена на издишан балон.
Кога се мисли на фуриозен старт, добро се сеќаваме дека Ковачевски премиерската функција од Зоран Заев ја презема на 17 јануари, а веднаш наредниот ден имаше посета од бугарскиот премиер, Кирил Петков, потоа тој отиде во Бугарија, па сите оние средби на министрите, средба во еден ден со неколку битни амбасадори… навидум си помисливме дека конечно СДСМ ќе почне да работи за она што народот ги плаќа.
Но, оваа офанзива на СДСМ и Ковачевски не траеше долго, што е типично за СДСМ.
СДСМ меѓу народот за канцелариска и неработничка партија, нејзините функционери во јавноста важат за луѓе кои денот го поминуваат седнати на своите удобни фотелји, наместо во служба на граѓаните.
За разлика од нив, нивниот коалиционен партнер, „недопирливиот“ ДУИ, повеќе од 20 години не го дава тронот.
Не го даваат тронот, но за тој трон не бираат средства. Имено во светот партија која на власт е подолго од 6-8 години се смета дека лесно може да „забега“, а со тоа корупцијата да стане нивен заштитен знак. Таков е случајот со ДУИ.
Али Ахмети, или попознат како премиер во сенка, не дозволува ДУИ да замине во опозиција, а со тоа и нејзините функционери да „забегуваат“ лево-десно. Во моментот кога тоа ќе се случува, Ахемти реагира. Па на пример, Изет Меџити екс градоначалникот на Чаир, во момент кога се навестуваше дека може да „забега“, веднаш доби „воспитна“ од Ахмети. Денес тој Изет Меџити мирно седи во пратеничкото столче и слуша наредби.
Но, кога се поизвесно е дека ДУИ има големи шанси да замине во опозиција, на површината испливаа две познати имиња од таа партија. Артан Груби и Бујар Османи, двајцата исклучително лојални на Ахмети.
Имено Бујар Османи кој по професија е лекар, на македонската јавност и стана познат откако ја доби функцијата министер за здравство во владата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, а Артан Груби по оние немили настани на скопското Кале, по тепачката на навивачките групи. Јавноста добро се сеќава кога пред очите на полицијата Груби им нареди да ги извадат лисиците на еден член на навивачка група.
Потоа Артан Груби од обичен вработен во една странска амбасада или како што тој милува да каже, ПРЕВЕДУВАЧ, станува најблизок човек на Али Ахмети, малтене се однесуваат како татко и син.
На сите настани на кои е присутен Ахмети, таму може да се види и Груби, нормално како преведувач, бидејќи Али Ахмети „не зборува македонски јазик“.
Во ДУИ како и во повеќето партии, постојат неколку крила, Изет Меџити и Теута Арифи од една страна, а Артан Груби и Бујар Османи од друга страна. Али Ахмети првите двајца ги изгоре, па така борбата за престолот во ДУИ остана да се води помеѓу вторите, Груби и Османи.
Едниот е министер за надворешни, а другиот е министер за политички систем, министерство кое ако добро се сеќаваме беше дел од онаа фамозна „Тиранска платформа“ која добро се спроведува во Македонија.
Бујар Османи во Министерството за надворешни работи го заменува Никола Димитров, откако вториот го потпиша договорот од Преспа, па така Османи сега ќе има задача да се договори со Бугарите.
Артан Груби пак има една многу полесна задача, што ќе му овозможи предност пред Османи во битката за тронот во ДУИ. Груби има задача да ги спроведува сите оние политики кои ДУИ смета дека ќе им донесе поени кај Албанците, оние националистичките иако од неодамна се декларираа како зелена партија, „З“ од зелено немаат, но тоа е тема за некоја друга прилика. Најтазе е објавата на Груби за двојазичните униформи на полицијата. Направи невиден спектакл, се пофали на Фејсбук, мислиш издејствувал датум за преговори со ЕУ.
Артан Груби не пропушта ниту една прилика во која ќе се пофали со одредена националистичка реформа зад која ДУИ цврсто стои.
За разлика од неговиот партиски колега Османи, кој се фали со електрични тротинети во Министерството за надворешни работи.
Кај Албанците ваквите зелени агенди не палат. Артан добро си ја знае работата. Двојазичност, изградба на училиште во претежно албански средини… тоа пали кај нив. Тротинети и слични мерки се народски кажано „секое чудо за три дена“.
А, се сеќаваме и на една национална телевизија кога Груби „леташе орли“, знаете она гестикулација со рацете кога покажувате двоглав орел, кој Албанците често го користат.
Потоа фотографиите од неговиот нов кабинет за кој се потрошени илјадници евра, па средби со неговиот партиски шеф со кечињата на глава итн.
Артан Груби не губи време, секојдневно работи и во моментов е во голема предност пред Османи за борбата за освојување на тронот во ДУИ. А дали Али Ахмети со „елиминирањето“ на Изет Меџити и Теута Арифи намерно му ја олесни работата, знаејќи дека Османи му е слаб противник останува времето да покаже.
Во ДУИ ќе има промени, во ДУИ мора да има промени, бидејќи сите политичари имаат рок на трање, никој не е вечен, вечен е само интересот!
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.