Потпретседателот на СДСМ, Стефан Богоев, најавува дека при крајот на пролетта ќе започне собраниската процедура за уставни измени, со која парламентот би се произнел за вметнувањето на Бугарите и други малцинства во Уставот. Иако се зависи од двотртинско мнозинство, Богоев е оптимистичен дека опозицијата би ги поддржала амандманите.
Со заокружување на процесот на реконструкција на Владата, очекувам да почнат разговори околу јавната широка дебата околу уставните амандмани. Ако тоа се случи по завршување на реконструкција, тој процес на широка дебата би требало да заврши некаде кон крајот на пролетта и почетокот на летото, односно месец мај би бил месецот кога би започнала процедурата за уставните измени во Собранието – порача Богоев.
Богоев го оцени и однесувањето на опозицијата по однос на ова прашање, првенствено на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски.
Жално е да пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да потпишуваат нотарски изјави, Мицкоски и челници на партијата да водат кампања за наводна за бугаризација и асимилација, а во позадина да одат по амбасади и даваат гаранции дека доколку тие дојдат на власт, без проблем ќе ги спроведат уставните измени – истакна Богоев, додавајќи дека ВМРО-ДПМНЕ досега не учествувала во ниту една државничка одлука важна за иднината на граѓаните.
Богоев најави и дека во следните три месеци во собраниска процедура ќе влезе предлог закон за ветинг.
Законот за ветинг би подразбирал поедноставување на процедурите и вмрежување на институциите да го проверат имотот на функционерите, како и потекло на имот, потекло на пари, имот на блиски и слично. Мислам дека може да се очекува во следните три месеци да имаме таков закон кој ќе влезе во собраниска процедура – порача потпретседателот на СДСМ Стефан Богоев во емисијата „Патот кон“ на Телевизија Алсат М.
Богоев додаде дека токму Законот за ветинг на функционери бил дел од платформата за коалицирање со Алијанса за Албанците.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.