Сто илјади дневно му се потребни на Куманово за да функционираат непречено образованието, социјалната заштита, детските градинки, старечките домови, сите пренесени надлежности.

Поред проценките на кумановскиот градоначалник Максими Димитриевски на Куманово му се потребни 250 милиони евра за да ја среди подземната инфраструктура, да изгради фекална, атмосферска канализација во урбаните и дел од урбано-руралните средини и да обезбеди мрежа за водоснабдување во сите делови на приградските населби и поголемите села. Проблемот е, вели тој, што централната власт ги држи и ги троши парите и тие не стигнуваат до општините.

Тоа значи дека доколку сакаме сериозно да се развиеме треба следните 20 години годишните буџети да ги инвестираме исклучиво во изградба на фекална и атмосферска канализација, а да заборавиме на се останато. Парите се држат на централно ниво, се трошат на централно ниво, а граѓаните немаат можност да ги добијат средствата да им се вратат на локално ниво коишто преку даноци, такси првенствено преку данок од ДДВ, а потоа и персоналниот данок го плаќаат кон државата. Централната власт со мач удира по локалната власт. Ги цеди граѓаните со даноци и такси, а за возврат не им враќа ништо. Затоа имате катастрофални реализации на државните буџети од 15 и 20%, а дополнително државата се зајми, рече Димитриевски во Вин вин на Телма.

Во емисијата, тој направи паралела дека Куманово во 2017 година собрала 288 милиони денари сопствени приходи, минатата година собрала скоро 400 милиони, а Арачиново собрала 0 денари и добила награда од Владата. Димитриевски посочи дека Арачиново еднаш добила 600 илјади евра, а вториот пат уште еден грант средства директно од Владата во буџетот, потенцирајќи дека тоа е негативен пример и не се помага така.

Централната власт е таа којашто свесно некои општини ги става во ситуација на стагнација, од аспект на подобност. Тоа мора да се анулира, без разлика кој ќе ја владее државата. Мора да се даде еднаква можност на сите, но не да заборавиме дека треба да има посебен осврт на регионалниот развој, ако доаѓам од североисточниот плански регион не можеме да не го развиеме најнеразвиениот регион со три милиони евра годишно. Државата треба да издвои посериозна сума на пари за да реализираме регионални проекти, да го поврземе Куманово со Кратово, со Крива Паланка, со Старо Нагоричане, со поквалитетна регионална патна инфраструктура, изјави Димитриевски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.