Во проектот „Мојот дом не загадува“, како дел од програмата на ВМРО-ДПМНЕ за претстојните парламентарни избори, лидерот на партијата Христијан Мицкоски најави:

„Бескаматни кредити и грантови за 150 000 домаќинства во еден мандат за сопствениците на приватните куќи и станови, со цел поставување нови енергетски ефикасни фасади, прозорци и врати, субвенции на граѓаните до 50% од цената за набавка и инсталација на енергетски ефикасна опрема: сончеви колектори, топлински пумпи, како и фотоволтаични електрични централи за производство на електрична енергија за сопствените потреби на домаќинствата“.

Мицкоски се осврна на екологијата укажувајќи дека ќе има еколошки одговорна влада.

„Станува збор за промена на начинот на загревање во институциите. Повеќе од 600 објекти на државни и јавни институции користат мазут или цврсти горива за загревање или технолошки потреби. Се обврзуваме дека ќе изработиме проектна и техничка документација за промена на горивото и за употреба на чисти горива и технологии за загревање на јавните објекти во Македонија; ќе инвестираме во промена на системите за загревање на јавните објекти кон системи со нулта емисија на цврсти честички (гасни горива, топлински пумпи и други системи)“, кажа Мицкоски.

Претседателот информираше и за формирање на Зелен фонд на Македонија.

„Станува збор за формирање Фонд за животна средина во кој ќе се слеваат сите средства кои граѓаните и правните лица ги уплаќаат како еколошки такси, надоместоци за животна средина и други еколошки давачки. Дополнително, нашата влада ќе посвети особено внимание на искористување европски средства и меѓународна помош, за мултиплицирање на средствата на фондот и обезбедување капитал за вложување во мерките од Програмата за животна средина и Новиот план за животна средина“, изјави Мицкоски.

Мицкоски информираше за пакет за електрични возила.

„Ќе има паркинг и полнач за електрично возило, намалување на трошоците за регистрација на ново електрично возило“, информираше Мицкоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.