Комисијата за спречување корупција има доказ дека на обвинителството уште пред шест месеци му испратило иницијатива за кривично гонење на градоначалникот на Струга Рамиз Мерко – изјави Софка Пејовска Дојчиновска, член на Антикоруоциска комисија, во емисијата 24 анализа на ТВ24, како одговор на претходните реакции од Судскиот совет.

Судскиот совет претходно ги оцени како неосновани и неаргументирани тврдењата на Државната комисија за спречување на корупција за наводно непостапување, па дури и прикривање во случајот со струшкиот градоначалник Рамиз Мерко.

Во соопштението од Судскиот совет се вели дека по направените проверки во Архивата на Судскиот совет, дојдено е до сознание дека таква претставка не е воопшто заведена во електронскиот систем. „Оттаму зачудува паушалното тврдење на ДКСК дека претставката е загубена“, се вели во соопштението на Судскиот совет.

Не знам како да го искоментирам реагирањето на Судскиот совет. Зошто не сме ги прашале откако сме им ја доставиле претставката, зошто не сме ги прашале дали си ја завршиле работата? Не е точно. Имаме доказ, имаме испратница од пошта дека сме ја пратиле. На прес конференцијата што ја имавме за Мерко ја покажавме испратницата со потпис на Судскиот совет дека е примена. Сме испратиле иницијатива за кривично гонење до обвинителството која никаде ја нема во овие шест предмети, а ни одговараат дека се работи – рече Пејовска Дојчиновска.

Претседателката на ДКСК Билјана Ивановска, минатата недела на прес конференција рече дека против струшкиот градоначалник е отворен предмет уште во мај 2019, но немало никаква реакција од Обвинителството. До Судскиот совет тогаш било пријавено дека Мерко влијаел во Основниот суд Струга да му се зголеми минимумот за јавни набавки, иако немало промена на општинската сметка, односно таа и натаму била блокирана. Во 2021 година била доставена ургенција, а од Судскиот совет биле известени дека во електронската архива не бил пронајден таков предмет.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.