Државната комисијата за спречување корупција (ДКСК) отворила предмет по сопствена иницијатива за вработувањето на синот на пратеникот од СДСМ, Зеќир Рамчиловиќ, во МВР.
„Во однос на наводите дека и синот на пратеникот Зеќир Рамчиловиќ се вработил во Министерството за внатрешни работи, што, како што се наведува, фрла сомнеж дека политиката замешала прсти при вработувањата, ДКСК отвори предмет по сопствена иницијатива, со цел прибирање на податоци, информации и документација во насока на утврдување на фактичката состојба во конкретниот случај“ велат од ДКСК за „Локално“.
Ова следува откако Рамчиловиќ, самиот, пред неколку дена на својот фејсбук-профил, објави дека неговиот син е еден од новопримените 590 полициски службеници во МВР.
По ова од опозициската ВМРО-ДПМНЕ побараа од Антикорупциска да отвори случај по допрен глас, но не само за вработување на синот, туку и на сопругата на пратеникот од СДСМ, исто така во МВР.
Од ДКСК, во однос на вработувањето на сопругата на Рамчиловиќ во МВР посочуваат дека веќе постапувале по предмет оформен по сопствена иницијатива и за тоа има одлука од на седницата одржана на 1 ноември 2019 година.
Во одлуката по оваа иницијатива се наведува дека ваквиот принцип на избор на лица кои ќе бидат ангажирани во МВР создава простор за влијание при вработување, состојба на непотизам, клиентелизам и кронизам, создава услови на недоследна примена на здравствените и безбедносните проверки и ги нарушува основите уставни права на граѓаните.
„Поради фактот што вработувањето на блиско лице на пратеник во Собранието на РСМ во МВР е без објава на оглас согласно член 76 од Законот постои основано сомнение за влијание на пратеникот при вработување на своето блиско лице…“
Но, на крајот се наведува: „Државната комисија не е во можност да го утврди потенијалното влијание и нема законски можности за натамошно постапување и преземање мерки кон наведените лица, бидејќи нема конкуренција и пријави на други кандидати“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.