„Достоинство“ излегува од коалицијата предводена од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, соопшти денеска претседателот на партијата, Стојанче Ангелов. Тој информираше дека раководството донело одлука да ја прифати можноста да коалицира со ВМРО – ДПМНЕ.

-Поради неисполнети очекувања за надминување на горливиот проблем со кој сѐ уште се соочуваат необештетените десетина воени инвалиди и петнаесетина семејства на загинати бранители, во согласност со моите јавни укажувања и барања од мај, минатата година, повторени во многу мои јавни настапи во периодот потоа, „Достоинство“ излегува од коалицијата предводена од СДСМ, рече тој.

Иницијативите на „Достоинство“ поднесени до Владата и Собранието, со кои, како што рече, нуделе решение на овој проблем, добивале постојана поддршка од страна на поранешниот премиер, Димитар Ковачевски и министерката за одбрана Славјанка Петровска, но, според нив, поради противењето на ДУИ, истите не поминале.

Тој информираше дека на генералниот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ Вардарски, и на претседателот Ковачевски им предложил да понуди оставка од позицијата директор на ЦУК, но, како што дополни, од нивна страна тоа не било прифатено и тој останува да го предводи ЦУК до формирањето на следната влада.

-Годините кои ги поминав во коалиција со СДСМ ми овозможија да се ослободам од моите претходни политички предрасуди, бидејќи таму запознав и станав пријател и другар со многу добри и чесни луѓе, како и искрени патриоти и одлични професионалци, рече Ангелов.

Проблемот со необесштетените воени инвалиди и семејства на загинатите бранители, како што дополни, не е единствената причина поради која излегуваат од коалицијата предводена од СДСМ, но, рече, поради политичка коректност, во овој момент нема намера да навлегува во понатамошни објаснувања.

Ангелов информираше дека минатата недела раководството на „Достоинство“ донело едногласна одлука да ја прифати можноста да влезе во коалицијата предводена од ВМРО – ДПМНЕ.

Во разговорите со ВМРО – ДПМНЕ пратеничко место ниту баравме, ниту ни беше понудено. Нашиот фокус како репрезент на македонските бранители од 2001 година не е освојување на пратеничко место, туку барање на решенија за проблемите на припадниците на безбедносните сили, учесници во одбраната на Македонија во 2001 година како и борба за нивните права, рече тој.

На новинарско прашање дали имаат некои ветувања од ВМРО -ДПМНЕ во однос на исполнување на барањата за бранителите, Ангелов одговори дека неговата перцепција, како што рече, е дека еден дел сигурно ќе помине, затоа што ВМРО – ДПМНЕ пружиле поддршка на иницијативата со Предлог- закон од Достоинство, што заглавила во Собранието, а во која е понудено законското решение за необесштетените семејства на загинати бранители и десетина воени инвалиди.

Пред околу осум месеци ВМРО – ДПМНЕ самите поднесоа Предлог-закон кој што содржеше решение за овој проблем и понуди некои симболични, но, сепак, права за сите македонски бранители. Тоа ми дава надеж дека она што го предложија, доколу формираат влада, ќе успеат да го поминат во Парламентот, рече Ангелов.

Дополни дека разговарале и за други работи кои што ќе ги откријат во наредниот период.

Изјавата за медиуми се одржа пред Споменикот на бранителите во Скопје, откако делегација на „Достоинство“, заедно со свои членови и поддржувачи, учесници во одбраната на земјава во 2001 година, положија цвеќе пред споменикот.

-На денешен ден во 2001 година започнаа борбите за ослободување на тетовското Кале кое претходно, на 14 март 2001, беше запоседнато од УЧК. Храбрите припадници на безбедносните сили на Република Македонија, по целодневна борба, која продолжи и во текот на ноќта ја разбија добро утврдената и тешко вооружената единица на УЧК и ја натераа на бегство, образложи претходно Ангелов.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.