На гостувањето во емисијата „Само вистина“ на Канал 5 телевизија, Дополнителниот заменик на министерот за информатичко општество и администрација, Стефан Андоновски истакна дека поради неисполнување на законски обврски за исплата на средства за финансирање на радиодифузна дејност, АВМУ го тужи МИОА во вредност од најмалку 90 илјади евра.

„Државата кон АВМУ има 90 илјади евра долг заради тоа што не се усогласила со законот што сама го донела. Гледајќи дека не ги исплаќа парите, АВМУ ја тужи МИОА и бара скоро 4,9 милиони денари за надомест на штета“ , истакна Андоновски. Според Андоновски, ниту Министерот за информатичко општество и администрација предвидел буџет, ниту Минстерството за финансии одобрило, а сепак донеле таков закон.

Според Андоновски, институциите се тужат меѓусебно, се предизвикува штета на буџетот и се прават судски, адвокатски, нотарски трошоци и трошоци за вештачења заради неодговорност на поединци. Потребно е за секоја ваква штета да се утврдува и индивидуална одговорност, за поединците да постапуваат одговорно. Доколку виновен е некој министер, тој треба да ги сноси трошоците.

„Во каков апсурд живееме дека државата сама себе се тужи една институција со друга, само поради тоа што не почитува директива на ЕУ која што самата ја имплементирала во закон. Ќе зборуваме за ЕУ во следниов период во кој што ништо немаме применето во пракса и се тужиме едни со други, а ќар имаат само нотари, адвокати, вештаци кои што изработуваат и судот го оптеретуваме со тужби едни кон други“, потенцираше Андоновски.

Измената е направена по барање на ЕУ и согласно директивата за аудиовизуелни медиумски услуги. По измените од 2017 година, Владата имаше дискреционо право да одлучува дали ќе ја исплати законската сума или не, со што исплатите беа до 40% помалку од законскиот минимум и со тоа „ги казнуваа“ за непослушноста и несервилноста. Денес се избриша одбредбата со која тоа се овозможуваше, но очигледно навиките тешко се искоренуваат и со неплаќањето Владата прави обид да влијае на уредувачката политика на МРТ и да се влијае на независноста на АВМУ, смета Андоновски.

„Се очекува и тужба од МРТ. Тука се работни за десеткратно поголема сума.“



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.